Целта ни е клиентите да не не гледаат како трошок, туку како придобивка

IMG_2716
Емилија Апостолска и Игор Александровски, партнери во адвокатското друштво A&A

Наша цел е да е изградиме силен и прогресивен однос адвокат – клиент базиран на меѓусебна почит и доверба, со максимална посветеност на трите клучни вредности: стратегија, професионализам и ефикасност.

БИ: Апостолска&Александровски веќе неколку години ги нуди своите правни услуги на македонскиот пазар. Кои се вашите области на специјалност?

Нашата канцеларија е специјализирана за деловно – корпоративно право. Работиме со компании, некогаш ги основаме и работиме со нив од самиот почеток, а некогаш не ангажираат и по препорака. Компаниите најчесто не ангажираат за корпоративни прашања, консултации за трговски договори и договори со меѓународни елементи, прашања од областа на интелектуалната сопственост (домени, трговски марки, третман на интелектуалната сопственост во договорите за работа), заштита на конкуренција, ненаплатени побарувања или проблеми со работни односи. Покрај ова, работиме и спојувања и преземања, арбитражи, ликвидации и стечај, е-трговија итн. Останатиот дел од нашето работење е повеќе консалтинг, во однос на идни проекти што ги имаат клиентите и тоа од аспект како правно да се структурираат. Секогаш кога започнуваме соработка со нов клиент, прво на клиентите им правиме анализа со цел да утврдиме дали работењето им е усогласено со законските прописи, да ги утврдиме слабите точки во нивното работење од правен аспект и каде треба да се интервенира. Откако ќе ја направиме анализата, понатаму се договараме за начинот на соработка.

БИ: По што вашата работа се разликува од онаа на другите адвокатски канцеларии?

Emilija ApostolskaНашиот концепт на функционирање е базиран како и секој друг бизнис, секако имајќи ги во предвид спецификите на нашиот сегмент на бизнис. Користиме алатки за проектен менаџмент, алатки за евиденција на сработеното и времето потрошено за работа на секоја активност, алатки за мерење на ефикасност. Доставувањето на извештај до клиентите за тоа што е сработено и колку време е потрошено за тоа е нешто што сметаме дека мора да го има еден бизнис во денешно време. Користењето на проектен менаџмент и софтвер за проектен менаџмент ни овозможува да го разгледаме секој аспект од одреден случај, да задржиме целосна контрола над случајот и да обезбедиме навремени правни услуги кои ќе бидат во рамките на планираниот буџет. Во принцип концептот ни е со клиентот да градиме партнерски односи и да соработуваме на долги патеки. Секако за ова да се постигне, потребно е и двете страни да бидат задоволни.

Еден од начините на работа ни е работа на фиксен месечен надомест. Ние точно му кажуваме на клиентот што ќе добие за тој месечен надомест и на крајот на годината се прави пресек на сработеното и платеното. Клиентот кај нас добива точно колку часови му се вклучени во услугите и кои услуги ги добил. Втор начин на соработка ни е работа по час. Имаме и алтернативни начини на соработка кои ги применуваме, како на пример работа по час со утврден максимум или комбинација од работа на фиксен износ плус некоја награда ако успешно се заврши работата. Има многу варијанти, но за начинот се договараме на почеток на соработката. Можеме да почнеме да работиме и на начин кој тие го сметаат за најсоодветен, а потоа самата соработка ќе ни покаже што е најадекватно. Најважно ни е клиентите да се слободни и да можат во секое време да се јават за правен совет без да се грижат колку тоа ќе ги чини. Договорите за соработка ни се отворени, кој клиент кога сака може да го раскине договорот со минимален отказен рок и без да ја наведе причината.

БИ: Вие работите и по концептот надворешна правна служба. Што точно значи тоа, како функционира овој концепт?

Концептот на надворешна правна служба е една од нашите предности. И двајцата претходно сме работеле во фирми како правни застапници, значи сме биле и од другата страна, сме биле нарачатели на услуги и всушност тоа и ни беше иницијална каписла да започнеме со сопствен бизнис, односно видовме дека има простор за работа.

Имајќи искуство и во двата начини на работење забележавме разлики помеѓу начинот на функционирање на правните служби во рамки на компаниите од една страна и адвокатите/адвокатските друштва од друга страна. Бидејќи сметаме дека во денешно време не треба да се прави ваква дистинкција и дека е потребно унапредување на услугите кои ги нудат адвокатските друштва на начин што ќе се искористат позитивните страни од правните оддели на компаниите креиравме посебен концепт на надворешна правна служба.

За да овој концепт успешно го имплементираме, голем дел од нашиот тим е составен од професионалци кои работеле на одговорни правни позиции во компании, што ни дава предност од аспект на познавање на начините на функционирање и комуникација во компаниите одвнатре.

Igor AleksandrovskiПоради тоа можеме одлично да функционираме како ефикасен надворешен правен тим без да ја нарушиме динамиката и начинот на функционирање на компанијата. Интергацијата и соработката со правниот оддел кој во моментов го имаат компаниите е многу брза и лесна. Со концепт на Правна Служба се искористени позитивните страни од имањето на правен оддел без потреба од зголемување на бројот на вработени, што доведува до намалување на трошоците и ризикот од одлив на вработени правници (отказ, отсуства од работа). Начинот на кој е структуриран концептот овозможува искористување на најдобрите елементи од имањето на сопствен правен оддел – искусен правник кој одлично ја познава компанијата, компаниската култура, начинот на функционирање и е подготвен во секое време да го советува клиентот за клучните правни прашања и дилеми. Од друга страна се позитивните елементи од соработка со надворешен правен советник – искусни адвокати кои имаат искуство во повеќе области на правото и судски застапувања.

Начинот на пружање на услугите е максимално флексибилен и прилагодлив на бизнис потребите на компаниите (услугите може да бидат пружани од нашите канцеларии, нашиот тим по потреба може да работи и во просториите на клиентите, учество на состаноци, седници на одбори, комисии, телеконференции).

Конкретно, предноста на овој концепт е во тоа што, на пример, ако некоја компанија има вработено правник, тој човек не може се да знае. Тој мора да има некаква помош. Според мене компаниите покрај правната служба мораат да користат и надворешна правна помош. Особено компаниите со мали правни служби, затоа што еден човек колку и да е добар, не може да постигне да биде во тек со се. Ние можеме на компаниите да им понудиме конкретна правна помош и консалтинг за онаа област за која им е потребно. Значи може да ги покријат сите области на работење, а тоа да ги чини како да имаат еден вработен правник.

Целта ни е да не бидеме товар на компанијата, да не не гледаат како трошок, туку како придобивка.

БИ: При изборот на вработени во вашиот тим, дали се случило да направите погрешна проценка и да вработите погрешни луѓе?

Да, се случувало и тоа, најчесто затоа што претходно немавме воспоставени процедури за селекција. Но, генерално сме немале големи промашувања и што е најважно сме немале последици, затоа што системот ни е направен на таков начин да не дозволува грешки, бидејќи секогаш има контрола. Во принцип гледаме во тимот да имаме различни играчи, не може сите да играат на иста позиција и да даваат ист резултат. Ако се сите ѕвезди, и тоа не е добро, затоа што ќе нема тимски дух, односно секој ќе игра сам за себе. Затоа треба да се направи комбинација која ќе функционира.

logo

БИ: Работите на меѓународни случаи?

Да, соработуваме со меѓународни адвокатски куќи. Меѓу нив е една од најдобрите во централна и југоисточна Европа. Со нив успешно соработуваме подолг период. Исто така имаме и соработка со адвокатски фирми од САД и стратешка соработка со адвокатска фирма од Нигерија, наш партнер преку кој ја покриваме Африка.

БИ: Дали има некакво правило, некакви рамки колку трае еден судски процес?

Тоа многу зависи до кои инстанци ќе оди случајот. Ако оди до сите инстанци, до највисоката, Врховен суд, може да трае до две, три години. Ова пред се зависи од предметот на спорот. Но, ние гледаме да се реши спорот пред да стигне до суд. И скоро секогаш ги контактираме тие што ги тужиме или што не тужат да седнеме да видиме дали може да се договориме. Значи работиме пред се во интерес на клиентот. Крајната поента е да се оптимизира работата, да не се прават трошоци за клиентот и предметот да се заврши што е можно побрзо.