Дали сакате да станете брокер или застапник во осигурувањето?

439

Осигурувањето е однос којшто настанува врз основа на договор или закон, во којшто едната страна, осигурител, ја презема обврската дека на другата страна, осигуреникот или на третото лице во чија корист се склучува осигурувањето ќе ја надомести штетата кај осигурувањето на имот, односно да ја исплати договорената сума на пари кај осигурувањето на лица, во случај да настапи предвидениот настан (осигурен настан), а под услов осигурениот да му уплатува определен износ на премија во предвидениот временски период.

Процесот на осигурување се врши од страна на брокерите и застапниците во осигурувањето. Брокер е личност или фирма (друштво) коишто посредуваат помеѓу продавачот и купувачот. Кај сите видови на брокери заедничко е тоа што тие не се јавуваат како купувачи или продавачи, туку само како застапници на купувачот или продавачот. Брокерите се едни од најважните луѓе на секој пазар, бидејќи тие ги спојуваат купувачите и продавачите и на тој начин создаваат ликвидност и ефикасност на пазарот.

Застапник во осигурувањето е физичко лице кое има лиценца за застапник во осигурувањето од Агенцијата за супервизија на осигурувањe. Неговите обврски се бара и придобива нови клиенти, врши продажба на полиси за различни класи на осигурување, одржува однос меѓу осигурителните друштва и неговите клиенти. Предноста кај застапникот е што постојано е на терен и самостојно располага со своето работно време. Тој не е просторно ограничен на канцеларија туку својата работа ја одржува преку состаноци со клиентите надвор од осигурителното друштво.

Ако имате желба да станете брокери и застапници во осигурувањето, Агенцијата за супервизија во осигурувањето на последната седница на Советот одржана на 10 јануари, донесе две одлуки за идните брокери и застапници и тоа одлука за спроведување обука и испит за застапници во осигурување во 2020 година и Одлука за спроведување обука и испит за осигурителни брокери во 2020 година. Сите заинтересирани што имаат желба да станат идни брокери и застапници во осигурувањето нека побрзаат и нека се пријават во Агенцијата за супервизија на осигурувањето.