
Владата денеска на предлог на Министерството за финансии го усвои Предлог-ребалансот на Буџетот за 2025 година. На прес-конференција измените и дополнувањата ги презентираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-кочоска, којашто истакна дека Ребалансот ги следи основните приоритети на фискалната политика, а тоа е продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување на развојот.
„Инвестициите остануваат приоритет на Владата и тоа го следи овој Предлог-ребалансот на Буџетот, а целта е да ја поттикнеме економската активности и да го оствариме проектираниот раст. Истовремено, измените и дополнувањата на Буџетот се продолжение и на нашите напори за фискална консолидција и домаќинско управување со јавните средства, односно парите на даночните обвзници”, истакна министерката.
Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1 % повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари. Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и исто така бележат раст од околу 1%, односно за околу 3,5 милијарди денари, што се должи пред се на развојната компоненета.
„Со предложените измeни, или ребаланс вршиме реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, дообезбедуваме средства за непречена исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде обезбедивме раст на платите на вработените од 10%. Исто така, се обезбедени дополнителни средства за исплата на зголемените пензии и транзициски трошоци и најважно е обезбедувањето дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи”, потенцира министерката за финансии.
Таа појасни дека капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари и се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред се во Министерството за одбрана. Исто така, посочи, дека продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно со донесената Прераспределба беа обезбедени дополнителни 600 милиони денари.
„Оттука, како што потенцира, со ребаласнот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7%, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година. Остварувањата во првиот квартал и регистрираниот раст на БДП од 3 % и 3,2% прилагоден согласно сезонските и календарските податоци, е јасен сигнал дека проекцијата е остварлива и реална. Очекуваме таквиот тренд да продолжи и во наредниот период поддржан пред се од домашната потрошувачката, зголемените инвестиции во инфраструктурата и енергетиката, финансиската поддршка на инвестициската активност на домашните производни компани, но и мерките за зголемување на расположливиот доход на домаќинствата”, наведе Димитриеска-Кочоска.
Министерката соопшти дека инфлацијата е проектирана на 2,8% и се очекува нејзино стабилизирање.
Буџетскиот дефицит, како што рече министерката, останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.
„Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година се потврда на фискалната политика која ја водиме во изминатата година и со која обезбедуваме консолидација и стабилизирање на макроекономската состојба. Економската активност добива на динамика и забрзува, таквиот тренд ќе го одржиме и во наредниот период со политиките кои се планирани со ребалансот. Дисциплинираниот пристап во управувањето со јавните финансии ќе продолжи, буџетскиот дефицит останува непромент и е понизок од остварените дефицит минатата година од 4,4%, а внимателен и сериозен пристап применуваме и во управувањето со јавниот долг, а за тоа најважен показател е намалувањето од 36 милиони евра регистрирано во првиот квартал од 2025 година. Сериозно сме фокусирани да продолжиме со таквите трендови и на среден рок да имаме макроекономска стабилност која ќе обезбеди реален раст од околу 4,5%% и повисок животен стандард”, порача министерката.