Голема улога во разбирање на проблемите со загадувањето лежи во информирањето и подигањето на јавната свест.
БИ: Што работи ЕЕ рециклажа?
Основната дејност на Ф – Групација, веќе 20 години е поврзана со односи со јавност – ПР и маркетинг услуги.
ЕЕ рециклажа како подружница претставува релативно нова дејност, која е насочена кон заштита на животната средина. Се започна во 2011 година, од лично етичка природа. Основната дејност е рециклажа на ОЕЕО (отпад од електрична и електронска опрема) и ОБА (отпадни батерии и акумулатори), со цел нивно отстранување од природата на сигурен, ефикасен и општествено одговорен начин. Непосредно на почетокот воспоставивме одлични “know how” релации со искусни партнери од странство: Србија, Словенија, Австрија и Грција. Најголем акцент првенствено е ставен на едукацијата на тимот како стручен кадар. Поседуваме лиценци за управители со отпад издадени од Министерството за животна средина и просторно планирање, лично сум при крај на постдипломски студии за природни науки на Програма за заштита на животна средина, а колешката е најмлад експерт за животна средина во Македонија. Активно работиме на запознавање на правните субјекти со обврските што ги имаат согласно законските регулативи во однос на ОЕЕО и ОБА, изработка на програми за намалување на отпад, општествената одговорност, како и подигање на свеста за опасноста од овој вид на отпад доколку се најде слободен во природата.
ЕЕ рециклажа всушност претставува инсталација за складирање и третман на електронски и електричен отпад, акумулатори и батерии со лиценца издадена од страна на МЖСПП.
БИ: Што претставува ОЕЕО?
ОЕЕО е вид на отпад што го опфаќа секој расипан или несакан електричен и/или електронски уред. Претставува комплекс од различни материјали и компоненти, вклучувајќи и опасни материи и затоа не може да се меша со други типови на отпад. ОЕЕО и ОБА содржат отровни и често канцерогени супстанци, па заради тоа е многу опасен за човековото здравје, животната средина и нашата планета.
Деновиве се многу актуелни различни снимки по социјалните мрежи за содржина на благородни метали во ЕЕ опремата и начин на експлатација на злато. Да нагласиме дека благородните метали, првенствено златото се добри површински спроводници и се користат во ИТ индустријата во форма на многу тенки филмови, па како такви немаат голема исплатливост во нивна селективна експлатација. На сметка на тоа не се споменуваат опасните живини батерии, кондензаторите и други супстанци кои се наоѓаат во состав на електронската опрема и начинот за нивен правилен третман. Со нивно депонирање во природата, добивате тешки метали во почвата, водата, растенијата, така стануваат дел во ланецот на исхрана и како последица се појавуваат многу тешки заболувања, како карциномот и аутизмот. Интересен е фактот дека кај сите аутистични деца е забележано присуство на тешки метали во лабораториски анализи на крвта направени во акредитирани институции надвор од Македонија.
Канцерогените заболувања пак, никогаш не биле симптоматични заболувања за просторите на Балканот како што се срцеви заболувања и промени на притисоци. Овие ризици можат да бидат значајно намалени доколку добро се управува со тој отпад, што претставува наша основна цел.
Друг пример се неонките, уличното осветлување и штедливите сијалици. Наведените светлосни тела имаат живино полнење. Старите ТВ уреди со катодна цевка се исто опасни поради присуство на оловно стакло и прашина. Кај фрижидерите опасноста доаѓа од загадување на воздухот со фреон и многу други примери.
БИ: Што се случува со собраниот ЕЕ отпад?
После собирање на ОЕЕО во ЕЕ рециклажа се врши селекција и третман. Под селекција се подразбира класификација на ЕЕ отпад во 10 категории, а под третман се подразбира најдобра достапна техника за рециклажа, во моментов механичко раздвојување на составни компоненти. Во тој систем се одвојуваат секундарна суровина, делови од ЕЕ уреди и опасен отпад. “Секундарната суровина” како неопасен отпад (лим, железо, пластика) се пласира повторно на пазарот во Македонија. Делови од ЕЕ опрема извезуваме на понатамошна преработка, заради немање на такви инсталации во РМ.
Во нашето опкружување не постои инсталација за третман на опасен отпад. Ова го решаваме со партнерски договори со лиценцирани оператери од Австрија и Грција за таа дејност. Заради ограничени количини на ваков тип отпад, кој се чува во строго определени услови во затворен простор, досега не е направена диспозиција на овој отпад.
Локалната управа и градоначалниците на општините имаат законски обврски за постапување со отпадот. Во нивна обврска е формирање на собирни центри заедно со комуналните претпријатија и колективните постапувачи. На 30.000 граѓани треба да има по еден собирен центар, што значи дека кога ќе истече векот на траење на старата машина, истата треба да се однесе во собирниот центар, од каде ќе биде дистрибуирана до рециклаторите, односно до нас, кои знаеме што треба да направиме со тој отпад.
БИ: Од 2015 година треба да почне да се плаќа надомест за ЕЕ опрема, а од лани веќе има обврска за плаќање надомест за батерии и акумулатори. Какви се резултатите од воведувањето на таксата?
Сите “производители” се должни да плаќаат надомест за пласирани количини на продукти на пазарот со цел за негово правилно постапување кога тоа ќе стане отпад. Под “производител” се смета секој што прв пушта опрема на пазарот. Производителите здружено формираат колективни оператери кои во нивно име и за нивна сметка ги превземаат обврските за правилно управување со ваквите текови на отпадот. За трговците, поседувачите и граѓаните одложувањето на ваков тип на отпад е без надомест. Надоместот за батерии и акумулатори веќе дава свои први резултати во организирано собирање и складирање на ваков вид отпад. Сведоци сме дека веќе не можете да најдете фрлени акумулатори во природата, што е резултат на неговата економска вредност. Поинаков е случај со отпадни батерии кои немаат никаква економска вредност, односно за нивното правилно третирање и уништување се плаќа надомест. Ова е решено со финансиска надокнада од страна на производителите за организирано функционирање на системот, па можеме да забележиме специјализирани садови за собирање на отпадни батерии поставени на јавни места.
БИ: Имате некакви сознанија колку ЕЕ отпад годишно се собира во Македонија?
Не постојат прецизни податоци за количините на овој вид на отпад. Според официјалните податоци, во 2012 година во земјата биле увезени вкупно 24.457 t електрична и електронска опрема, а се создале 18.338 t отпадна електрична и електронска опрема, што значи 9 кг по глава на жител. Ова се претпоставки наведени во Националната програма за управување со отпад од електрична и електронска опрема (2013-2018). Според моите сознанија, ова не е ни блиску до реалниот број. Земајќи го во предвид животниот век на овие уреди кај нас, наведените бројки се преголеми. Не можеме да се споредуваме со економски постабилни држави, каде стандардот дозволува промена на автомобил на просечно пет години, лаптоп на две и слично. Животниот век на ЕЕ уредите кај нас е максимален, значи додека функционира. Само кај употреба на мобилните телефони имаме ниво како кај високо развиените држави.
БИ: Каде е Македонија во однос на тоа како Европа го има решено проблемот со отпадот?
Според Центарот за здружено истражување на Европската Комисија, создавањето на ОЕЕО во ЕУ се зголемува за 3% – 5 % годишно, што е приближно три пати побрзо од зголемувањето на обичниот комуналнен отпад.
Околу 90% од овој отпад се отстранува на депонии, согорува или повторно се искористува без било каков претходен третман. На тој начин, загадувачките материи како што се тешките метали, бромирани придушувачи на пожар и други завршуваат во почвата, водата и воздухот и претставуваат значителен ризик по здравјето на луѓето и животната средина.
Многу Европски држави посветуваат големо внимание на енергетската ефикасност и повторно искористување на сите текови на отпад. Особено ова е евидентно во високо равиените држави како што се Шведска, Норвешка, Холандија и др.
Со несебична подршка од наведените држави финансирани се голем број проекти во Р. Македонија каде се пренесени знаењата и искуствата од веќе организираните системи. Секако ни претстои долг пат за да го достигнеме високото еколошко ниво на наведените држави. Почетокот е направен со донесување на вистински Законски регулативи, како и напор за нивната имплементација. МЖСПП прави големи напори за усогласување на потребите и барањата на бизнис секторот во контекст на наведената тема.
Голема улога во разбирање на проблемите со загадувањето лежи во информирањето и подигањето на јавната свест. Во последно време превземени се многу акции за подигање на свеста првенствено кај децата преку организирани предавањата по училиштата што веќе резултираа со позитивни ефекти за собирање и селекција на хартија и пластика, а од годинава спроведена е едукација и за отпадни батерии.
Сакам да нагласам дека свеста на јавноста, особено кај правните субјекти со кои директно соработуваме, не е на така ниско ниво како што се претпоставува, судејќи по нашето опкружување. Полека го градиме системот за управување со отпад во Македонија и мислам дека сме на добар пат. Организираниот систем за собирање и третман на ЕЕ отпад се очекува да дава свои резултати преку веќе формираниот и лиценциран колективен постапувач.