Енергосистем – 20 години синоним за гасификацијата во Македонија

oliver
Оливер Костовски, еден од сопствениците и управител на Енергосистем

Отежнувачка околност при работењето е и релативно слабата економска моќ на просечниот Македонец. Освен во урбаните средини, во селата културата на поставување на греење е на многу ниско ниво, секако, главно од финансиски причини.

БИ: Оваа година Енергосистем слави 20 години јубилеј од основањето. Која е приказната на Енергосистем?

Енергосистем е партнерска фирма помеѓу две фамилии што се роднински поврзани и така успешно функционира веќе 20 години. На почетокот, кога се формираше компанијата, почна и гасификацијата на Македонија. Како први проекти со кои се занимававме беше изработка на идејни проекти за преадаптација на постоечките котлари во индустриските објекти кои во тој момент како гориво користеа нафта или мазут на природен гас, како и нивно подоцнежно поврзување на гасификационата мрежа. Во меѓувреме, покрај проектирањето, Енергосистем почна да застапува и продава дел од индустриската опрема потребна за котлари, како и да се занимава со изведување и монтажа на опремата што ја застапува.

Во еден момент се почувствува потреба од проширување на полето на кое Енергосистем делува, пред се затоа што не сакавме да зависиме само од работа која може да се обезбеди само во индустријата, особено затоа што во тоа време се уште не беше комплетно завршено преструктуирањето и Македонија како држава имаше уште нерешени проблеми. Затоа се одлучивме работењето на компанијата да го прошириме во трговијата и продажба на опрема за греење и ладење – радијатори, вентили, цевки, пумпи, котли.

Сега Енергосистем има 30 вработени, што е сериозна бројка која не не остава мирни. Фирмата бара континуиран развој и обезбедување на работа за да може да се оствари чувство на стабилност и напредок кај вработените.

БИ: На колку сектори е поделена дејноста на Енергосистем?

Енергосистем денес како компанија е можеби најпозната по референците во однос на изработени и изведени проекти во гасификацијата во Македонија, како и по опремата што ја застапува и продава за термотехнички инсталации. Енергосистем има четири приходни единици. Најстарата е инженеринг, каде работат 13 инженери – 11 машински и два електроинженери, комерцијала која го покрива комплетно работењето во трговијата, имаме еден централен магацин, каде што е сместена и компанијата, а низ државата работиме со трговци на мало и инсталатери, кои континуирано ги снабдуваме со материјали, сервисот кој работи во тесна спрега и со инжинерингот и со комерцијала. Како компанија се трудиме за сите брендови на опрема што ги застапуваме да имаме и свој сервис и резервни делови. И на крај е секторот консалтинг кој работи на проекти за енергетска ефикасност, заштита на животната средина.

energosistem

БИ: Колкав процент од индустријата во Македонија работи на природен гас?

Моментално природен гас има во Скопје, Бунарџик, Куманово и нешто малку во Крива Паланка. Струмица почна со проект кој се уште е во зачеток, тоа е исто природен гас, само е компримиран. И во Струмица и во Куманово на гас се приклучени општинските објекти, но индивидуални потрошувачи нема никаде во Македонија. Сега се работи на отпочнување на изградба на крак кон Неготино, во соработка со руската влада. Во Скопје голем дел од индустријата функционира на природен гас, а такви се Пиварница, Кока Кола, Европа, Жито Лукс, Макстил, Алкалоид, Макстар, Порше, Топлификација, Цементарница…

БИ: Колкава е предноста да се работи на гас во однос на друг енергенс, колкава е разликата во цена?

Изборот на енергенс што може да го користи индустријата е меѓу мазут, нафта и гас. Како енергенс најевтин е мазутот, но технолошки да се подготви за користење е скап процес и важи за доста валкан енергенс и голем загадувач. Мазутот во повеќето европски држави веќе е забранет како енергенс. Природниот гас во однос на цената е некаде на половина помеѓу мазутот и нафтата. Нафтата е најскап енергенс, а во последно време цената и варира се во нагорна линија.

БИ: Работите само во Македонија или и надвор, на странски пазари?

IMG_2725Енергосистем веќе седма година има свое претставништво во Србија, кое се занимава со трговија, со продажба на опрема за греење и ладење. Инаку имаме изработено неколку референтни објекти во Косово преку Европската банка за обнова и развој. Еден од најреферентните ни е реконструкција на котларите во приштинската топлификација. Сега сме фокусирани само на македонскиот пазар.

БИ: На какви проблеми наидувавте и наидувате во овие 20 години работење?

Можам да кажам дека ни самата наплата можеби не е толку голем проблем, колку што е наоѓањето стабилни партнери. Отежнувачка околност при работењето е и релативно слабата економска моќ на просечниот Македонец. Освен во урбаните средини, големите градови, во селата културата на поставување на греење е на многу ниско ниво, секако, главно од финансиски причини.

БИ: Планирате некакво проширување на дејноста?

Долго време се мислиме дали да влеземе во производство на нешто што е поврзано со греење. Засега просторот во кој сме сместени е максимално искористен. Бараме нова локација за да можеме да се прошириме, но за тоа ќе видиме понатаму.