David Guetta немаше некои посебни барања, сакаше да има една соба со клима и кетеринг, за разлика од Carl Cox, кој бараше исклучиво црни или тегет пешкири.
БИ: Првата асоцијација што се јавува кога ќе се спомене Big Sound е добро озвучување, добро осветлување и голем концерт. Што друго може да се каже за оваа компанија?
Во 70-тите години, со овој бизнис се занимавале само неколкумина од бившите југословенски простори, меѓу кои е и Ордан Димишков, кој воедно е и основач на компанијата. Big Sound работи повеќе од 35 години и е прва компанија во Македонија која организира настани и нуди техничка опрема за истите. Нудиме озвучување, осветлување, монтажни бини и алуминиумски конструкции со покрив, како и сценски елементи. Последно воведовме и видео продукција, ЛЕД екрани, плазми, камери, полека почнуваме да го опслужуваме и видео делот. Првата дејност ни се концертите, но со време се проширивме и на организирање на спортски настани, модни ревии, политички кампањи, работиме саемски штандови, презентации, прес конференции, а во последно време и свадби. Работиме со 10 до 20 луѓе, во зависност од големината на настанот. Сите наши луѓе се професионалци во својата област, сите се стручни за делот што го работат, за светло, тон, струја, која воедно е најбитна во нашата работа.
БИ: Колку време треба да се организира еден настан? Како тече подготовката?
Па еве можам да кажам нешто што лично јас сум го работел. Во 2010 година го организирав настапот на диџејот David Guetta во Метрополис арена во Скопје. За да ги организирам тие четири – пет часа, мене ми требаа четири месеци. Но најпрво, морав една година однапред да го букирам. Четири месеци пред настапот мораше да се плати 50% од сумата која е договорена и со тоа обезбедивме датум. Според договорот, три – четири дена пред настапот мора да се затвори сумата. Се случува поради икс причини артистот да не дојде, а според договорот му е платено однапред. Тоа е еден од ризиците што ги носи оваа работа. Оваа процедура важи и за бендовите.
Откако ќе се договори настанот, артистот испраќа листа со барања. Во случајов Guetta немаше некои посебни барања, сакаше да има една соба со клима и кетеринг, за разлика од Carl Cox, кој бараше исклучиво црни или тегет пешкири.
БИ: Какви необични барања ви поставувале светските ѕвезди?
Рошин Марфи од Moloko, што ја донесе Авалон во 2006 година, на пример бараше целата соба да е бела. Моравме да местиме бели тапети, бела гарнитура за седење, бели цвеќиња, односно да провладува белата боја заради подобра подготовка и инспирација на концертот. И Дени Клајн од Vaya con Dios имаше интересни барања. Таа сакаше да има посебно озвучување во бекстејџот каде што требаше да седи пред да излезе на сцена, бараше да биде сама и никој да не влегува два часа пред концерт. Седеше внатре и слушаше многу гласна музика, така се инспирираше. На средина на концертот се разлути затоа што концертот беше со седење, а луѓето стануваа, шетаа, излегуваа. И се обрати на публиката и рече ако не престанат и ако не седнат дека ќе го прекине концертот, но и покрај се, таа е врвен професионалец и го го истера концертот до крај, иако беше многу лута. Како интересен би можел да го издвојам податокот дека Џим Кер од Simple Minds си носеше сопствен кетеринг и по концертот, пред бисот, се симна од сцената и јадеше супа од зеленчук.
БИ: Кој од големите имиња ти има оставено најубав впечаток?
Како личности најголем впечаток ми оставија Џим Кер од Simple Minds и Дејвид Брн од Talking Heads кој со својот велосипед на расклопување што си го извади од куферот си нарави тура низ Скопје без никакво обезбедување со својата пријателка и се покажа како многу пријатен човек. Такви се и Нил Тенант и Крис Лоу од Pet Shop Boys, со кои ја прошетавме старата Скопска чаршија. Тука се Харис Џиновиќ, Бајага и многу други познати личности од балканскиот простор со кои е многу интересно да се седи на маса, Таркан е многу позитивен лик. Спротивно од нив, најлош впечаток досега ми остави Мик Хакнал од Simply Red, кој беше дрзок и навредлив.
БИ: Зад кои големи концерти што досега се одржале во Македонија стои Big Sound?
Big Sound досега технички ги поддржа концертите на Faithless, Kosheen, Machine Head, Bryan Ferry & Roxy Music, Vaya con Dios, Placebo, Whitesnake, Apocalyptica, Simple Minds, Pink, Леб и Сол кога повторно се обединија, го помогнавме концертот на Simply Red во Белград, потоа журките на Tiesto, Roger Sanchez, Paul Oakenfold…
БИ: Многу често се случува големите бендови да имаат концерти во Белград, Загреб, Софија, но не и во Скопје. Зошто големите групи ја заобиколуваат Македонија?
Македонија како Македонија многу ретко, скоро и да не спаѓа во распоредот на големите бендови. Ако сакаме да донесеме некого, мора да не стават во меѓураспоред, значи да имаат турнеја, концерти во регионот, па некако да не вклучат и нас. Мене ми се случи во 2004 година, кога сакав да ги букирам Duran Duran, да добијам одговор дека не настапуваат во градови коишто немаат најмалку два милиони жители. Пред година или две Авалон како сериозен организатор успеа да им обезбеди пет концерти на Балканот и врз база на тоа успеаја да ги донесат во Скопје. Потоа кога ќе дојдат овде ќе видат дека имаме публика и дека публиката знае да цени добар артист. Но, публиката кај нас нема платежна моќ да си дозволи да купи карта која чини како на запад. Во Македонија не може да се организира голем концерт со карта од 30 до 40 евра. Според некои статистики што ги работев, максимумот што може во секое време да си го дозволи Македонецот е за две карти да плати од 1000 до 1200 денари. Затоа во Македонија во последните неколку години претежно се носат диџеи кои чинат помалку од големите бендови. Не е економски исплатливо да се направи голем концерт. Ако зад организацијата на концерт не застане градот, Владата, не може да се организира голем проект. На пример, Мадона ја чинеше Будва пет милиони евра. Сам човек не би можел да го направи тоа. Тоа се големи суми, големи настани. Преголем е ризикот да се решиш да организираш голем концерт. За се што досега е донесено во Македонија, најголема заслуга имаат Авалон и Пасворд продукција, благодарение на нивната желба и ентузијазам. Штета е што врвот на концертите во Македонија се Северина, Цеца, Оливер Драгојевиќ, Даниела Мартиновиќ, Петар Грашо и ред други артисти од екс Ју, кои се сепак балкански ѕвезди, а не светски и за жал, во догледно време не гледам иднина дека би можело да има концерти со големи светски познати имиња. Не е исплатливо од финансиска гледна точка.
БИ: Освен со финансиските, со какви други предизвици се соочувате во овој бизнис?
Ова е работа со голем ризик. Се случува да падне рампа, нешто да се откачи. Многу мора да се внимава на безбедноста, можат да се повредат луѓе. Но, не зависи се од луѓето. Сум имал можност да почувствувам колку е моќна природата. Ми се има случено на плоштад ветер за четири метри да ми помести празна 17 тонска бина со цела конструкција, со платно позади, како едро. Затоа секогаш им велам на спонзорите во позадината на сцената да ставаат меш платна со дупчиња. Некогаш кога сме имале концерти на отворен простор, крај море, се случувало за бините да врзуваме автомобили кога имало невреме. Или во зима, кога ќе навее снег, кога ќе натежне на конструкцијата. Мора да се внимава на агли, косини, напречни конструкции. Но сепак мислам дека топлото време е полошо од студот. Може да се издржи и на минус температури, но во лето, кога пече сонце на отворен простор без никаква сенка, луѓето немаат сила да работат, истоштени се. Тогаш ни се развлекуваат работите при собирање на опремата.
Се соочуваме и со проблеми со луѓето, затоа што знаат да се напијат, да ги прскаат артистите со пиво, да излегуваат на бина, да маваат со шишиња по звучници. Имало секакви ситуации.
БИ: Ви се случило ли да откажете некаков настан?
Имавме една ситуација кога ни дојдоа луѓе од еден мобилен оператор во Албанија и сакаа да го промовираат албанското крајбрежје преку низа настани, на огромни сцени. Ги прашав дали може да одам да ги видам плажите затоа што имаме многу опрема, да видам како тоа ќе изгледа. Ми рекоа нема потреба, ќе снимат и ќе пратат материјал. Се договоривме и тргнавме со еден камион од 33 тони, шлепер со приколка, камион од 12 тони и возило со приколка од четири тони. И стигнуваме до тунел каде што не го собираше шлеперот. Моравме да се враќаме 10 километри во рикверц додека да најдеме простор за да свртиме, па влегувавме преку Грција, вртевме, по планини, по лоши патишта. Ни се заглавија камионите по карпите, па со помош на локалното население ги истуркавме, тоа беше цело патешествие. На крај стигнавме до плажата, до која се доаѓаше по тесни земјени патчиња. Плажата беше преубава, ама немаше никакви технички услови. Целата опрема требаше да се симнува на коњи, да се монтира, па да се размонтира, да се носи на друго место. Просто беше неизводливо. На крај рековме не оди ова вака, им го вративме авансот и си се вративме во Скопје.