
Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација, Џани Инфантино, во понеделник изјави дека за 15 дена се примени дури 150 милиони барања за билети за Светското првенство во 2026 година, на кое домаќини се САД, Канада и Мексико.
„Имаме на располагање шест до седум милиони билети, а за 15 дена добивме 150 милиони барања. Ова значи дека би добивале просечно десет милиони барања секој ден. Во речиси стоте години од Светското првенство, продадени се вкупно 44 милиони билети, па излегува дека побарувачката за билети за претстојното Светско првенство опфаќа период од 300 години. Лудо е, тешко е да се замисли, но ја покажува важноста на Светското првенство во фудбалот“, рече Инфантино на Светскиот спортски самит во Дубаи.
Тој истакна дека најмногу барања за билети дошле од САД, по што следат Германија и Велика Британија.
Здруженијата на навивачи ја критикуваа високата цена на билетите, бидејќи цените се неколку пати повисоки во споредба со последното Светско првенство во Катар. После тоа, ФИФА одлучи да продаде одреден број билети по цена од 60 долари.
„Приходот генериран од Светското првенство, што вклучува продажба на билети, ќе биде вратен на фудбалските заедници низ целиот свет. Без ФИФА, немаше да има фудбал во 150 земји“, тврди Инфантино.











