Интернет маркетингот може да им донесе одлични резултати на компаниите

82
Игор Мишевски, сопственик на Nova Solutions
Игор Мишевски, сопственик на Nova Solutions

Она што сакаме да го “продадеме” како нов концепт на услуги е брендирањето, дизајнот, како и најиновативната услуга – герила маркетинг што може да се преведе како маркетинг на мали компании со мала инвестиција и големи идеи.

БИ: Со што се занимава Nova Solutions?

Бидејќи времето во кое живееме е толку динамично, тешко е да се дефинира што точно работи Nova Solutions, но она што може да го кажеме е дека ние за нашите клиенти работиме на поголема промоција на нивните производи и услуги, поголема видливост на нивниот бренд со крајна цел поголема продажба на нивните производи и услуги.

Најпознати сме како компанија која е специјализирана за интернет маркетинг, одржување на социјални страни и профили и маркетинг на социјалните мрежи и на интернет порталите. Развојот на веб страни и поврзување со социјални медиуми, како и зголемување на рангот на веб страните на пребарувачите Google и Бинг е наша услуга која ја нудиме од првиот ден и која природно се подразбира во нашата дејност.

Она што сакаме да го “продадеме” како нов концепт на услуги е брендирањето (осмислување на целосен бренд), дизајнот (на најразлични материјали), како и најиновативната услуга – герила маркетинг што може да се преведе како маркетинг на мали компании со мала инвестиција и големи идеи.

Со една реченица, ние нудиме иновативни пристапи на промоција и градење на бренд пред потенцијални купувачи за секоја компанија којa планира да инвестира во сопствениот маркетинг.

igor2

БИ: Колку време постои, колку вработени има?

Во ноември Nova Solutions наполни пет години со што на некој начин ги “прележа” најголемите “детски болести” што може една компанија да ги има. Почна како компанија преку која ги наплатував услугите за веб дизајн и одржување на веб страни, но набргу со помош на мојата сопруга Гордана стана мал семеен бизнис за интернет маркетинг и веб дизајн со неколку позначајни клиенти.

Во моментот тимот на Nova Solutions е составен од седум професионалци – дизајнери, програмери и маркетинг менаџери кои во секој момент стојат на располагање и нудат иновативни пристапи за промоција. Надвор од компанијата имаме неколку соработници кои во континуитет ни нудат поддршка во некои области со цел нудење на комплетна услуга пред нашите клиенти.

Иако се соочуваме со предизвиците на моменталната економија, причината што се наоѓаме во моментално најиновативната индустрија, ни остава простор силно да веруваме во успехот на тоа што го работиме.

БИ: Кои компании најчесто се одлучуваат за интернет маркетинг, од која бранша?

Интернет маркетингот, посебно социјалните медиуми станаа начин на комуникација со постоечките и идните купувачи, па оттука потребата за ваквата комуникација посебно се јавува кај компании кои имаат B2C бизнис модел т.е. нивен клиент е просечниот граѓанин. Бидејќи секој втор Македонец има сопствен профил на Facebook, компаниите кои нудат услуги на широка целна група се најчесто заинтересирани за интернет маркетинг. Тоа најчесто се компании од прехранбениот сектор, секторот на услуги, но и компании од автомобилската индустрија, технологија и друго.

Од друга страна, постоењето и на други социјални мрежи како LinkedIn нуди можност и за опфаќање на B2B сегментот на промоција на интернет, а масовното користење на пребарувачот Google нуди одлична можност за тесно таргетирање на потенцијалните клиенти, или како што велиме ние: “Ако на интернет бараат услуга или производ што ги нудите вие – да ве најдат вас”.

igor3

БИ: Пред неколку години во развиените земји буџетот за интернет рекламирање го надмина буџетот за ТВ рекламирање. Кои се предностите на интернет рекламирањето, кое се уште некако срамежливо го користат македонските компании?

Иако, како што кажавте, во развиените земји буџетот за интернет рекламирање го надмина буџетот за ТВ рекламирање, ова не е случај со Македонија. Интернет маркетингот се уште e во најава, сите зборуваат за него, а никој не знае како изгледа т.е. како што рекол Nick Hornby “Everyone knows how to talk, and no one knows what to say” – тоа што некој ги користи социјалните медиуми и интернетот, не го прави експерт за социјални медиуми. Ваквото практицирање на интернет промоцијата рез

ултира првo до девалвирање на самиот интернет маркетинг и работата на социјалните медиуми преку препуштање, а потоа поради лошите резултати самите компании заклучуваат дека ова воопшто не им оди во прилог и се повлекуваат .

Сепак, покрај овие негативни примери, постојат компании кои силно инвестираат во интернет рекламирањето знаејќи ги предностите на интернетот како медиум – најпрвин одлична можност за односи со јавноста, која пружа непосредност во комуникацијата, потоа канал за поддршка на клиентите и повратни мислења за вашиот производ или услуга, и на крај најевтина реклама споредбено со било кој друг медиум.

БИ: Колку македонските компании инвестираат во интернет бренд менаџмент и интернет ПР?

Минатата 2012 година беше година на позиционирање, која поголемите компании ја искористија да ги позиционираат своите брендови на интернет. Останатите кои не го направија тоа лани, се подготвуваат да го направат тоа сега. Останува да се види колку и малите компании ќе го следат овој тренд, иако има одлични примери на мали бизниси кои успеале користејќи го единствено интернетот како медиум за промоција.

Од аспект на инвестиции, тоа се уште е незначително бидејќи и самите компании не знаат што им треба и во што треба да инвестираат. Нашите клиенти успеваат да го избалансираат маркетинг миксот, но по мое мислење најголемиот дел од нив се уште се плашат силно да се нурнат во интернет маркетингот кој може да им донесе одлични резултати. Бидејќи се уште самиот сектор е во развој, мислам дека по некоја година може поточно да го имаме одговорот на ова прашање.


БИ: 
Со какви проблеми се сретнувате во работењето?

Генерално како компанија ги удвојуваме нашите резултати секоја година и по финансиски резултати, по број на клиенти, но и по број на вработени, сепак и нас не погодуваат проблемите кои ги погодува сите компании во Македонија, а тоа е економската состојба која ги приморува клиентите да штедат на маркетинг и наплатата која најверојатно е проблем број еден кај нас. Сепак, постојаната комуникација и едукација на нашите клиенти и внимавањето на готовинскиот тек на компанијата ги превенира овие проблеми, минимизирајќи ги последиците од нив.

БИ: Работите само за македонски пазар или и пошироко?

Во моментот сме концентрирани на македонскиот пазар, работејќи и за домашни и за странски компании. Познавањето на овој пазар ни нуди можност преку нашата партнерска мрежа да работиме за брендови и компании од други држави, но насочени сме на македонскиот пазар.

Имаме разговори за настап на два странски пазари и во моментот на едно место креираме локални капацитети – локален тим кој би се грижел за администрирање на локален јазик, па се надеваме дека овие планови ќе вродат со добри резултати и постепено ќе бидеме присутни на поширокиот пазар.

БИ: Што планирате следно?

Како што реков претходно, во план ни е промоција на сите наши услуги, но и опфаќање на поголема целна група на компании, како во земјава, така и во странство.

Нашите услуги до сега ги користеа претежно големи и средни компании, но гледајќи го успехот што го постигнаа некои наши клиенти – микро компании, мислиме дека токму тие имаат голем потенцијал со интернет маркетингот како алатка. Затоа пробуваме да направиме оптимален микс на герила и интернет маркетинг услуги и како таков пакет да им го понудиме на малите и микро претпријатија, со што целосно би ги опфатиле сите нивни потреби за маркетинг.

Паралелно развиваме и неколку партнерски проекти со кои ги надополнуваат нашите услуги, но и ги користиме нашите потенцијали за нивен развој. Се разбира, сето тоа го правиме да им овозможиме на нашите постоечки и идни клиенти подобро позиционирање на пазарот.

igor4