Истражувачи од Алкалоид ја решија мистеријата за Фолкодин монохидрат

26

laboratoryTим од истражувачи од фармацевтската компанија Алкалоид во соработка со две научно-истражувачки лаборатории, за првпат во светски рамки, ја реши кристалната структура на соединението фолкодин монохидрат, кое за пациентите кои страдаат од интензивна сува кашлица, е повеќе од половина век достапно во форма на капсули и сируп.

Познавањето на кристалната структура и полиморфизмот (можност едно хемиско соединение да постои во повеќе различни кристални форми) на секое фармацевтски-активно соединение е од исклучителна важност за детално дефинирање на неговите физичко-хемиски својства и физиолошка активност.

Иако соединението се наоѓа во активна медицинска употреба во светски рамки уште од средината на минатиот век, неговата кристална структура не беше позната.

Разјаснувањето и дефинирањето на неговата структура може во иднина да понуди негова проширена и модифицирана медицинска примена.

Добиените резултати од ова значајно откритие се објавени во реномираното научно списание Кристален раст (Journal of crystal growth) во вид на оригинален истражувачки труд под наслов Фолкодин монохидрат: Кристална структура и полиморфизам.

Ова истражувањето е спроведено по иницијатива на Ѓорѓи Петрушевски, вработен во Институтот за истражување и развој на Алкалоид, како дел од неговата докторска дисертација водена под менторство на  проф. Петре Макрески од Институтот за хемија при Природно-математичкиот Факултет во Скопје, а во соработка со колеги од Природословно-математичкиот факултет од Загреб, Хрватска и Институтот за хемија при ПМФ.

Достигнувањето е огромен успех за македонската наука бидејќи претставува пионерско истражување од овој тип раководено од македонски научници под покровителство на Алкалоид, што претставува поттик за понатамошна соработката на оваа компанија со научните институции во Македонија.