Изградбата на електроконекторот Грција-Кипар-Израел под истрага на Европското јавно обвинителство

Јавното обвинителство на Европската Унија започна истрага во врска со имплементацијата на проектот за енергетско поврзување помеѓу Грција и Израел, преку територијата на Кипар, кој е делумно финансиран од фондовите на ЕУ.

“Нашата правна служба беше известена од Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО) дека по разни жалби поднесени во изминатиов период, кои беа соодветно истражени, одлучи да отвори истрага за евентуални кривични дела поврзани со овој конкретен проект”, изјави синоќа кипарскиот претседател Никос Христодулидес, без да прецизира кој е вклучен во истрагата.

Засега, нема повеќе информации за овој случај ниту од страна на Европското јавно обвинителство.

Станува збор за проект за поставување на подводен електричен кабел, со кој ќе се поврзат електроенергетските системи на Грција, Кипар и Израел, што ќе претставува една од најдлабоките и најдолгите подводни врски во светот.

Трошоците за реализација на проектот се проценети на 1,9 милијарди евра, од кои 657 милиони евра се директно финансирани од ЕУ, а од преостанатиот износ 63 проценти треба да покрие Кипар, а 37 проценти Грција.

Реализацијата на проектот беше доведена во прашање уште претходно, откако кипарската Влада најави негово ревидирање. Кипарскиот министер за финансии Макис Керавнос оцени дека проектот повеќе “не е одржлив”.

“Имам две студии од независни и реномирани организации, кои заклучуваат дека овој проект не е одржлив според утврдените услови”, изјави Керавнос.

Според извори во кипарската Влада, проектот е од стратешка важност за Кипар, но проблемот настанал поради тоа што Грција не го исполнила својот дел од договорот. “Неговата одржливост зависи од условите и обврските преземени од грчкиот Независен оператор за пренос на електрична енергија и очекуваме нивно спроведување”, посочиле истите извори.

Кипарските медиуми тврдат дека и во самата Влада во Никозија постојат поделби околу изградбата на интерконекторот, при што Министерството за финансии смета дека станува збор за проект со “висок економски ризик”, додека Министерството за енергетика инсистира на негово продолжување.

Атина официјално изрази незадоволство поради доцнењето на реализацијата и ја повика Никозија да го разјасни својот став, бидејќи “не може да се дозволи коцкање со проекти од вакво значење”.

Но, на Кипар постојат оцени дека и Атина се воздржува од практична реализација на проектот, бидејќи не сака да ја провоцира Турција, која смета дека со инсталирањето на кабелот би биле “засегнати нејзините поморски зони”. Според Анкара, проектот е во спротивност на турско-либискиот Меморандум за разбирање од 2019 година за разграничувањето на областите на морската јурисдикција во Источниот Медитеран. Инаку, овој Меморандум кој при поделбата на водните територии “го игнорира” постоењето на грчкиот остров Крит, беше оценет како “нелегален” од страна на ЕУ, која одбива да го признае.

Од друга страна, за Израел ова не е обичен инфраструктурен проект, туку стратешки чекор кој би му овозможил подлабока интеграција со европската енергетска мрежа.