Комерцијална банка донира возило за брза помош за болницата во Кочани

Комерцијална банка ја изразува својата солидарност со набавка и донација на ново возило за брза помош за Општата болница во Кочани. Во овие тешки моменти, чувствуваме дека е наша одговорност да дадеме конкретен придонес за подобрување на состојбите во јавното здравство и за помош секогаш кога е потребна.

Оваа донација е само еден од начините со кои сакаме да ја покажеме нашата солидарност со семејствата кои се соочуваат со невидена болка и траума. Пожарот во дискотеката во Кочани остави длабоки рани, но и итна потреба од подобрување на капацитетите на јавните здравствени установи со цел да обезбедат брза и ефикасна медицинска помош кога е најпотребна.

Банката останува доследна на својата општествено одговорна мисија и ќе продолжи и понатаму да ги поддржува напорите за што побрзо опоравување на повредените и за ублажување барем малку на траумата на семејствата на загинатите и на повредените. Оваа трагедија е неопислива болка за засегнатите, но и повик да се обединиме во хуманоста и солидарноста, кои се основа за изградба на посилна и поотпорна заедница.