Мотото на Синпекс е: ГРИЖА ЗА КВАЛИТЕТОТ и тоа не води кон сеопфатна грижа за висок квалитет и на услугата и на артиклите и на односите кои ги градиме.
Бизнис Инфо: Синпекс е фамилијарна компанија. Колку време постои?
Синпекс е компанија која е основана март 1990 година, по иницијатива на мојот татко Славко кој беше агроном и се занимаваше со земјоделие и продажба на земјоделска механизација уште од 1962 година. Денес, со Синпекс раководиме јас и мојот брат Синиша. Исто така, мојот сопруг е директор на продажба, па тоа не прави типична фамилијарна фирма со 22 годишна традиција.
Бизнис Инфо: Со што се занимава, какви услуги нуди?
Синпекс започна како компанија која продава трактори и приклучна земјоделска механизација. Денес во овој сектор остваруваме околу 60% од вкупниот промет, најмногу поради врвните брендови коишто ги застапуваме, а тоа се: John Deere, Tafe, DeLaval и сл.
Исто така, проширувајки го своето поле на работа уште одамна почнавме со продажба на парковска и шумарска опрема и тоа од врвните Husqvarna, Gardena, Tomos и други брендови. Оваа опрема ги има преплавено македонските градови делумно преку малопродажната мрежа која ја имаме, делумно преку комуналните претпријатија за кои истата е синоним за квалитет.
Најнов сектор ни се продажбата на градежна опрема на брендовите Liebherr, Wacker и Husqvarna Construction. Овој сектор го развиваме во Скопје од причина што во моментот овој град е центар на градежната активност и концентрација на градежни компании.
Бизнис Инфо: Колку вработени имате во компанијата?
Во моментот Синпекс има 38 вработени и со желба сме, а и потреба, овој број да го зголемуваме од година во година.
Бизнис Инфо: На земјоделците им нудите совети како да аплицираат за ИПАРД фондовите и Националната програма за поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Да, ние како компанија најмногу полагаме на квалитетен однос со купците, со цел нивна едукација и информација за сите новини кои ги има на пазарот или во научните истражувања. Многу често оваа таргет група се фокусира на набавки на механизација за која знаат од дедо, татко, без да обрнат внимание на трендовите и иновациите. Ние се трудиме тоа размислување да го смениме и со тоа да го подобриме нивниот принос, нивниот статус и нивниот затворен однос кон новитетите.
Бизнис Инфо: Колку македонските земјоделци ги користат овие средства?
Сметам дека сега веќе се свесни за големите бенефиции кои ги добиваат и сведоци сме на се поголемиот број апликанти и земјоделци желни за напредок и модернизација.
Бизнис Инфо: За што најмногу ги користат средствата?
Најголем број од предметите се за трактори и земјоделска механизација. Она што најмногу ми пречи кај земјоделците е тоа што стравот од немаштијата или манипулациите кои ги преживеале претходно не им даваат да размислуваат напредно. Тие едноставно гледаат да “грабнат” нешто без да направат долгорочна стратегија како ќе се развиваат и не поставуваат своја крајна цел. Се надевам дека за скоро и тоа ќе се промени
Бизнис Инфо: Која механизација од она што го нудите најдобро се продава?
Земјоделците, како што напоменав, се уште се држат за поевтина опрема и механизација. Ние се трудиме тој концепт да го промениме. Но, за да ги услужиме и воедно да останеме конкурентни на пазарот, во моментот развиваме две насоки во земјоделската механизација. Едната е скапа механизација за големи земјоделци која е високовалитетна и со големи перформанси. Другата насока е квалитетна, но поевтина механизација за земјоделците кои обработуваат мали површини и согласно тоа со помали перформанси.
Бизнис Инфо: Инвестираат ли земјоделците во нова опрема?
Земјоделците поради нискиот стандард се уште често се решаваат за набавка на стара механизација. Токму минатата година при една анализа за житни комбајни добивме поразителни податоци дека користењето само на овој тип стари машини му носи загуба на приносот на Р. Македонија од 9.000.000 евра годишно.
Бизнис Инфо: Зошто се одлучивте да учествувате во Top Class програмата на ЦЕЕД? Што очекувате од неа?
Со Top Class програмата не запозна г-динот Јован Маџовски. Во контакт со други учесници сфатив дека се работи за многу добра програма која покрај надообразбата која ја пружа, во многу е полезна поради контактите кои преку неа се остваруваат. Исто така ме привлече делот со менторските разговори, поради тоа што добиваш совети поткрепени со лично искуство на веќе докажани претприемачи и менаџери.
Бизнис Инфо: Какви се Вашите планови за во иднина?
Па, во наредните пет години сме со план да го изградиме средниот менаџмент на компанијата. Согласно тоа ќе се поставува организациската хиерархија. Потоа истиот пат на градење организации ќе го повториме во Скопје, каде што веќе имаме канцеларија, па во Струмица. Се надевам дека планот ќе ни биде лесно остварлив и проследен со успех.