Лидерите од регионот во Драч: ЕУ интеграцијата и одливот на мозоци – теми на самитот Брдо-Бриони

Лидерите на Западен Балкан, вклучувајќи ja и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, ќе се соберат во понеделник во Драч на самитот на иницијативата Брдо-Бриони, а главна тема ќе биде европската перспектива на Западен Балкан.

Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2013 година, а нејзини членови се Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.

Како што објави словенечката агенција СТА, самитот во Драч го организираат претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, а домаќин е претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

Иницијативата Брдо-Бриони има за цел да ја поттикне меѓусебната соработка и да ги олесни напорите на земјите од регионот на нивниот пат кон ЕУ.

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот „Брдо-Бриони”

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Драч, Република Албанија, заради учество на Состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот „Брдо-Бриони”.

Во фокусот на годинашниот состанок ќе бидат неколку теми: Европската интеграција, Планот за раст на ЕУ, младинската политика и одливот на мозоци (brain drain), како и регионалната соработка и безбедност.

Главната цел на процесот е интеграција на сите земји од регионот во Европската Унија, како и стабилизирање на состојбите на Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка. Лидерите на земјите учеснички од Процесот „Брдо-Бриони” се состануваат најмалку еднаш годишно.

Фото: Pixabay