РС Македонија доби потврда за политиките од кредитната агенција „Стандард и Пурс”, задржувајќи го кредитниот рејтинг ББ- со стабилни изгледи. Агенцијата ја нотира определбата на Владата за сеопфатни реформи со цел забрзување на економскиот раст, зајакнување на административните капацитети, борба против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото.
Во извештајот Агенцијата наведува дека главен приоритет на Владата е стимулирање на економскиот раст и постигнување стапки на раст до 5% преку реализација на големи инфрастуктурни проекти. Агецијата посочува и дека се вложуваат напори и за зајакнување на инвестициите, подобра наплата на даноците, како и зголемување на пензиите и платите за поддршка на граѓаните. Притоа, посочуваат на потребата од спроведување засилена фискална консолидација.
Со усвоениот Буџет за 2025 година, како што стои во извештајот, дефицитот е проектиран на 4% од БДП. Приходите се очекува да се зголемат за 13%, достигнувајќи 35,7% од БДП, поттикнати од поголемата наплата на даноци и придонеси за социјално осигурување, како и повисоки стапки на економски раст. Расходите ќе забележат раст од 10,3%, што изнесува 40% од БДП, пред се заради повисоките плати во јавниот сектор и социјални трансфери, повеќе средства за здравствена заштита, како и за капитални инвестиции, кои се планирани на 47,2 милијарди денари или 4,2% од БДП. Притисок врз остварување на проектираниот буџетски дефицит според „Стандард и пурс” може да претставуваат меѓу другото осварувањето на пониски стапки на раст од проектираното, помалата наплата на даноците, сивата економијата, како и згоелмување на трошоците за инвестциите.
Агенцијата наведува дека слабата надворешна побарувачка и ограничена инвестициска активност го ограничија растот на економијата на 2,6% во првите три квартали од 2024 година. Подобрување Агенцијата очекува во 2025 година со раст на економијата од 2,9% и негово стабилизирање на ниво од околу 3% до 2027 година, поттикнати од постепеното закрепнување на надворешната побарувачка и пораст на инвестициската активност.
Агенцијата очекува стапката на инфлација да остане во просек од 3,5% како резултат на растот на цените на храната.
Агенцијата смета дека спроведување на структурните реформи може да донесат значителен напредок за земјата, поддржани од подобрите фискални перформанси, намалување на долгот и силниот економски раст.
„Стандард и пурс„го оценува кредитниот рејтинг на земјата два пати во годината. Кредитниот рејтинг на земјата се оценува двапати во годината и од страна на „Фич”. Тој претставува клучен инфикатор за потенцијалите инвеститорите при носењето одлуки за инвестирање, а го покажува степенот на ризик од инвестирање.