Македонија2025 објави отворен повик за ЛИДЕР проектот, кој по 17-ти пат ќе се одржи од 22-ри до 30-ти април 2025 година во Скопје. Проектот се реализира во соработка со Ivey Business School – Western University, кои ја организираат програмата уште од 1991-та година.
Оваа програма претставува десетдневна MBA (Management and Business Administration) обука, која ги охрабрува и поттикнува македонските претприемачи да развијат локални бизнис решенија, кои ќе создадат нови можности за социјален и економски општествен развој.
Преку интерактивни методи на учење со „студии на случаи“, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со корисни дополнителни знаења и вештини за секоја фаза од развој на бизнисот, поврзани со изработка на стратегија, финансии, маркетинг, промоција, продажба и развој, како и целосно да го развијат чувството за бизнис. Во текот на предавањата, учесниците ќе имаат можност за индивидуални менторски сесии со некој од инструкторите од „Ivey“ школата и/или ментори обезбедени од Македонија2025.
На повикот може да се пријават учесници до 35 години – претприемачи, менаџери, сопственици на компанија, млади професионалци од бизнис сферата и сите кои се заинтересирани да ги продлабочат своите знаења од областа на бизнисот и претприемништвото.
Инструкторите на ЛИДЕР проектот доаѓаат од канадската Ivey School of Business, и на пријавените кандидати ќе им помогнат да воведат нови бизнис практики во работењето на нивниот веќе постоечки бизнис или пак да ги претворат своите идеи во успешни бизниси на пазарот.
Повикот е отворен до 31-ви март 2025 година. Повеќе информации за критериумите и начинот на аплицирање ќе најдете на официјалниот отворен повик достапен ТУКА.