Mercedes додаде нов модел во поставата на CLA

Најновиот додаток во поставата на Mercedes CLA, моделот 220 Hybrid, носи хибриден погон со кинески мотор под германската кожа

Европската автомобилска сцена добива уште еден интересен хибриден модел, но овојпат со неочекувана позадина. Новата хибридна верзија на CLA покажува дека дури и традиционалните германски брендови сè почесто гледаат кон Кина кога станува збор за технологија и развој на погонски системи.

Хибриден CLA со кинеско потекло

Mercedes-Benz ја проширува понудата на компактната лимузина со новиот CLA 220 Hybrid, кој ќе се продава паралелно со целосно електричната верзија. Надворешно, моделот речиси целосно се поклопува со електричниот CLA, но вистинската приказна се крие под хаубата. Таму се наоѓа 1,5-литарски турбо бензински мотор со четири цилиндри и висок степен на компресија од 12:1, мотор кој не е целосно „германски“ како што брендот би сакал да веруваме.

Иако официјално се наведува дека моторот е „развиен“ од Mercedes, кинеските извори откриваат дека тој е ко-развиен со Geely (истиот оној кој се користи кај Cityray и Starray и кој е развиен од страна на Horse Powertrain, кој е заеднички потфат на Renault и Geely) и дека ќе се произведува во Кина, пред да биде вграден во финалниот автомобил.

Фокус на ефикасност и тивка работа

Бензинскиот агрегат работи по Miller циклус, со алуминиумски блок и специјална Nanoslide обвивка на цилиндрите, наменета за намалување на триењето и зголемување на издржливоста. Дополнително, Mercedes вложил сериозен напор во звучната изолација, со дополнителни изолациски елементи околу моторниот простор, А-столбовите и подот, со цел хибридниот CLA да остане тивок и рафиниран при возење.

Перформанси и електрична поддршка

Бензинскиот мотор е комбиниран со електромотор интегриран во осумстепен менувач со двојна спојка, како и со 48-волтен литиум-јонски батериски пакет со капацитет од 1,3 kWh. Благодарение на оваа конфигурација, автомобилот може да се движи само на електрична енергија при брзини до 96 km/h, а при кочење системот може да рекуперира до 25 kW.

Вкупната системска моќност изнесува 208 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 km/h трае 7,1 секунда, додека максималната брзина е ограничена на 209 km/h. Масата на возилото изнесува 1.630 килограми.

Препознатлив ентериер со мали измени

Во внатрешноста, CLA 220 Hybrid нуди позната атмосфера. Сите верзии доаѓаат стандардно со фиксeн панорамски стаклен покрив, додека како опција е достапен и Superscreen системот со три екрани – 10,25-инчен инструментален дисплеј, 14-инчен инфозабавен екран и дополнителен 14-инчен екран пред совозачот.

Новитет е и редизајнираниот управувач, кој на прв поглед изгледа познат, но сега добива физички ролер за контрола на јачината на звукот и класичен прекинувач за темпомат, наместо претходните целосно хаптички контроли.

Германски имиџ, глобална реалност

Новиот хибриден CLA јасно покажува дека автомобилската индустрија станува сè поглобална. Иако го носи знакот на Mercedes-Benz, срцето на овој модел доаѓа од соработка со Кина, што е уште еден доказ дека границите помеѓу „германско“, „европско“ и „кинеско“ во модерната авто-индустрија стануваат сè понејасни.

Преземено од Автоплус.мк