
Реалниот раст на Бруто домашниот производ (БДП) на Македонија во првиот квартал од 2025 година изнесува 3,2%, покажуваат прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика и „Евростат“. Ова е трет квартал по ред со раст од 3 или повеќе проценти, што укажува на стабилен позитивен економски тренд.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција информираше дека според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во првиот квартал на 2025 година реалниот раст на бруто домашниот производ, откако е избрана оваа Влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти, а прилагодениот согласно сезонските и календарските податоци е 3,2 проценти. Ова е бројката којашто ја објавува „Евростат“.
-Македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш позади Ирска, Данска и Полска. Тоа е многу значајно и ова не е случајност, ова е резултат на храброст, визија и многу работа – рече Мицкоски.
Според Мицкоски, ова е доказ дека кога државата се води на исправен начин, но и со знаење, со план и со трпение, резултатите мора да дојдат.
-Знаевме дека не смееме да губиме време. Го затворивме поглавјето на стагнација, несигурност и манипулација. Отворивме ново поглавје на економски раст, на вреднување на трудот, на поддршка на приватниот сектор, на фер конкуренција. Овој раст е многу сериозен сигнал дека реформите даваат резултати, имајќи предвид дека станува збор за првиот квартал од годината, кој што секогаш е најслаб и најпредизвикувачки – додаде Мицкоски.
Тој напомена дека доколку сакаме до 2030 година да бидеме уште повиско на европската економска скала, мораме да го одржуваме просекот, кој ќе биде поголем од 4 проценти. Тоа, како што додаде, не зависи само од нашите внатрешни параметри, тоа многу зависи и од екстерните фактори.
-Имајќи предвид дека просекот во рамките на ЕУ е 1,4 проценти, тогаш можеме да кажеме дека ние сме два и пол пати над тој просек, а во евро зоната е 1,2 проценти. Белгија е 1,1; Германија е 0, Естонија е 0,1; Франција е 0,6; Италија е 0,7; Латвија е -0,3; Унгарија е -0,4; Австрија е -0,7, Романија е 0,5, Словенија е -0,8, Словачка е 1, Финска е 0,8,. Во регионот, соседна Србија забележала раст од 2% во првиот квартал, што ја става под македонското ниво, додаде Мицкоски.