Можам да констатирам дека нашата приказна условно речено е невообичаена – прво го освоивме странскиот, а потоа нашиот пазар
БИ: Како ќе го опишете својот почеток, својата идеја, предизвиците…
Нели како и секој почеток, и Одисејата на КСЦ беше тешка, но никогаш неизвесна. Се раководевме од старата вистина – и патот кон највисоката планина почнува со првиот чекор. Првиот чекор беше сознанието дека постои недостаток од агенции или фирми коишто ќе дејствуваат во сферата на нашата дејност. Тоа ни го покажа мојата претходна работна позиција во еден од проектите на PHARE програмите, т.е. секојдневната потреба од превод, како и организација на неколку семинари и настани во Македонија и на Балканот. Eдноставно речено, ни ги отвори перспективите или беше наш креативен мотор. Природно дојде идејата да формираме компанија којашто ќе нуди пакет на овие услуги. Целта беше со еден повик клиентот од едно место да може да добие квалитетен консекутивен, симултан и писмен превод на сите јазици. Нормално, на оние јазици за кои имавме претходно обезбедено листа на преведувачи. Втор клучен момент во оваа дејност е да имате целосна логистичка поддршка при организација на настани од затворен тип (локација за одржување на настанот, сместување, опрема за симултан превод, подготовка и печатење на работни материјали, транспорт итн). Рецептот е едноставен, но екстремно ефикасен – наш императив е на клиентот да му овозможиме амбиент во кој тој ќе се фокусира само на неговите идеи – ние работиме се друго што е поддршка.
Бидејќи стануваше збор за сосема нова дејност, за која не постоеја веќе дефинирани правила на менаџирање и начин на маркетиншко анимирање на потенцијалните клиенти, беше многу тешко да се убедат компаниите, особено оние домашните, дека со еден повик поевтино можат да добијат квалитет отколку ангажман на сопствени ресурси. Од тие причини на самиот почеток се фокусиравме на странските проекти што веќе беа присутни во Македонија. Странските менаџери имаа потреба од овој вид на централизирана услуга што ја користеле во нивните матични држави. Со тоа успеавме да се позиционираме и на нашиот пазар. Всушност, можам да констатирам дека нашата приказна условно речено е невообичаена – прво го освоивме странскиот, а потоа нашиот пазар.
БИ: Почнавте како компанија чија основна дејност беa преводите. Ако за почеток ја сметаме 1999 година, во тоа време и немаше таков кадар како сега, некои од јазиците не беа застапени, литературата, речниците потешко се наоѓаа. Беше ли тешко да се најде квалитетен кадар?
Знаете, странците оценувајќи ги земјите од овој регион неретко констатираат дека поради поранешната централизираност на Југославија, огромен потенцијал и know-how (знаење) е концентриран во Белград. Другата димензија е дека и мноштвото од настаните се одржуваа таму. Во Македонија и не постоеше доволно искусен кадар за превод, пред се тука мислам на консекутивното, а најмногу на симултаното преведување кое е најтешката форма на превод – преведувачот едноставно треба да го следи текот на мислите на говорникот и речиси инстантно беспрекорно точно да го пренесе реченото до слушателот. Тоа е огромен напор и јас тука им испраќам искрени честитки на моите колеги вработени или хонорарно ангажирани преведувачи. Тие едноставно се генијалци. Од тие причини ние на самиот почеток имавме проблем со млад и квалитетен кадар, но сега ситуацијата е подобрена. На почетокот целосно се фокусиравме на обука и подготовка на квалитени, брзи и точни преведувачи. Наша стратешка точка на успех е што се ориентиравме да ги регрутираме и да им овозможиме вистински развој на најдобрите студенти од јазичните катедри на Филолошкиот факултет. Паралелно со нивниот ангажман подготвувавме интерен терминолошки речник што во континуитет го надградувавме. Практично, со тој потег успеавме на некој начин да обезбедиме некоја основа за работа. Ако ме прашате за превод на други јазици освен англискиот во такви ситации, искрено ретки, сепак преферираме да користиме оние на кои јазикот им е мајчин или таканаречени native speakers.
БИ: Компанија со истото име функционира и во Белград и Сараево, тоа значи дека сте проширени и регионално?
Да. Канцелариите во Белград и Сараево ги нудат истите услуги што ги нудиме и во Македонија и се идентично поставени и брендирани како и канцеларијата во Скопје. Како што реков Белград и Сараево се значајна бизнис дестинација. Таму во моментов работиме големи и значајни проекти за српската и босанската влада, а се финансирани од Европската унија. Очекуваме наскоро да го засилиме присуствто во Хрватска и Албанија (за што имаме реални и добри изгледи). Црна Гора е веќе на видикот и таму очекуваме успех.
БИ: Покрај преведувањето, веднаш на почетокот воведовте и организирање, следење на семинари, симпозиуми и слично. Како се снаоѓате во таа гранка и што значи добро организиран семинар, колку дена треба да се подготви за да се избегнат сите несакани грешки?
Всушност, ние и од самиот почеток го покривавме и овој сегмент на работењето. За подготовка на еден семинар, доколку клиентот ги има добро дефинирано своите потреби, потребно е многу кратко време бидејќи ние се трудиме да работиме енергично и рафинирано, брзо и точно истовремено. За ова имаме поставено стандарди во фирмата – се работи по точно пропишани процедури. Знаете, тајната на успехот во организирањето на настани е – бидете невидливи за клиентот. Наш интерен закон е настанот да се одвива перфектно, а клиентот да не забележи дека сме таму. После подолги настани од неколку дена обично клиентите сфаќаат што се се одвивало „зад кулисите“ и тогаш ни честитаат. Тогаш дознаваат дека можеби снемало струја или се расипал автобус или низ цел град сме барале нов проектор. Притоа сакам да потенцирам дека имаме одличнио партнери и одлична соработка со нашите.
БИ: Подоцна малку го проширивте бизнисот и решивте активно да се вклучите и на меѓународниот пазар, да конкурирате на големи проекти финансирани од ЕУ. Како успеавте да го освоите овој пазар со оглед на фактот дека многу малку македонски фирми стигнуваат до овие апликации?
Искрено, на почетокот ни беше тешко да ги убедиме странските компании дека постојат и квалитетни македонски компании кои можат да им помогнат во имплементација на проектите. Затоа на почетокот одевме во конзорциум со нив, но многу брзо стекнавме доволно референци за и самите да се јавиме на овие проекти. Најчесто работиме во конзорциум со компании од Франција, Белгија, Италија.
Во моментов ги имплементираме проектите Менаџирање на ЕУ информативните центри во Албанија (Скадар и Валона) и во Косово (Приштина и Косовска Митровица). Во очекување сме на резулатите за проектот Менаџирање на ЕУ инфо центарот во Тирана. Покрај овие, некои од поголемите успешни и поминати проекти се проектот Обука на државните службеници на Босна и Херцеговина за англиски, француски и германски јазик, проектот Техничка помош на Секретаријатот за Европски прашања на Србија, проектот Поддршка на активностите на Европската Тренинг Фондација (ЕТФ) во Македонија и Србија и многу други.
Не сакам да звучи нескромено, но етаблирањето на КСЦ во рамките на оваа професија е на половина изоден пат од високата планина која ја споменав на почетокот.
БИ: Кое е мотото на вашата компанија?
Уметност на разбирањето (The Art of Understanding).
Идејата беше да се каже дека навистина претставува уметност луѓето кои
зборуваат различни јазици да се разберат еден со друг на вистински начин, а токму тоа ние им го овозможуваме. Кога ќе излезе некој проблем редовно се сеќавам на она што го рекол американскиот писател на детска литература Роберт Мек Клоски. Тој вели: “Знам дека веруваш дека разбираш што мислиш дека реков, но не сум сигурен дали сфаќаш дека тоа што го слушна можеби не е тоа што го мислев“.
Нашата работа едноставно е сложена – да направиме луѓето да се разберат. Сите преводи се важни, но само да ви илустрирам понекогаш преведуваме на многу многу важни состаноци. Грешките во преводот се исклучени!!!
БИ: Сега кога ќе се свртите наназад и ќе сфатите дека постоите цели 13 години на пазарот, што ви доаѓа прво на ум?
Сепак направивме една успешна приказна.