Целата наша фирма се движи кон тоа да го задоволи муштеријата најмногу што може, да може потрошувачот повторно да се врати и да има доверба во нас. Довербата ни е најважна.
БИ: АгроТехна е една од водечките компании за продажба на бела техника, апарати за домаќинство и се што е потребно за домот. Како стигнавте до тука каде што сте денес?
АгроТехна ја основал татко ми во 1990 година. Неколку години подоцна се приклучивме јас и брат ми и сега е фамилијарен бизнис. Првиот дуќан е отворен 1991 година во Ново Лисиче кoj беше мешан дуќан, затоа што тогаш не постоеја дуќани за бела техника. По три години го отворивме дуќанот во Маџари, па Кисела Вода и сега го отвораме единаесеттиот дуќан во ГТЦ, Центар. Отворањето на дуќаните е сконцентрирано во нашиот главен град.
Работиме и на мало и на големо, со увоз и со извоз на бела техника, апарати за домаќинство, градинарска опрема и велосипеди и со таа стока ги снабдуваме скоро сите дуќани во Македонија. Работиме со 1.500 – 1.600 фирми.
Веќе седум години имаме наш сервис, затоа што видовме дека има потреба од него за да се заокружи довербата кај потрошувачите во целост. Надворешните соработници за сервис не се толку внимателни ниту кон муштериите ниту кон производот, затоа имаме наш сервис со пет луѓе кои имаат за задача апаратот да го поправат најмногу за два дена. Имаме наша дистрибутивна мрежа, 12 камиони кои постојано циркулираат низ цела Македонија. Производите ги испорачуваме до дома, внатре во домот, не ги оставаме пред зграда или пред скали, па дури ако сака муштеријата, можеме и да го отпакуваме производот, а отпадот од пакувањето да го исфрлиме. Испораката е максимално квалитетна. Во моменов броиме 85 до 90 вработени, затоа што сега имавме нови примања. Увозници или овластени дилери сме за повеќе брендови, како Горење, Северин, Блист, Varo powerplus, Гуча што ги увезуваме директно, инаку работиме со се што е на пазарот, и бела и црна техника. Најголем дел од увозот доаѓа од Германија, Словенија, а од 2000-тата и од Кина.
БИ: Брендот maX е ваш заштитен бренд?
Нашите потрошувачи кои имаат целосна доверба во нас не поттикнаа да создадеме апарати со наш бренд. На тој начин сметавме дека ќе им возвратиме за довербата, што е и нашето главно мото. Брендот maX постои од 2000 година и брои околу 350 – 380 различни производи. Апаратите од брендот maX, како што се на пример микробранови печки/ самостојни и вградени, правосмукалки, клими, мали апарати за домаќинство, велосипеди… се произведуваат во фабрики во Кина каде што се произведуваат производи за големи брендови. Ние самите ги бираме деловите од кои ќе биде составен апаратот, каков мотор ќе има, комплетно ги осмислуваме изгледот и функционалноста, а најмногу внимаваме на квалитетот. Јас и брат ми Горан вложуваме многу труд, многу енергија, патуваме често за Кина за да може да се најдат вистинските производи од кои клиентите ќе бидат задоволни. За овој бренд имаме и дизајнерско студио каде што целосно се осмислува производот како ќе изгледа, како ќе функционира. maX веќе го пласираме и во Македонија, и во Србија и на Косово. Од 2010 година имаме и претставништво во Србија и таму сме влезени во неколку ланци.
БИ: На какви проблеми наидувате во работењето? Како се справувате со нив?
Наплатата е наш најголем проблем, мислам дека не е до крај решено законодавството во врска со тоа прашање. Не сме осигурани дека тој што ќе земе стока, ќе ја плати, значи се се сведува на довебра. Често губиме пари.
БИ: Што претставува најголем предизвик за вас?
Во последните четири години сме многу сконцентрирани на maX брендот и предизвик ни е задоволувањето на муштериите и подигнување на квалитетот на продажбата. Сакаме муштериите кај нас да се чувствуваат како дома. За своите пари, без разлика дали се работи 600 или 6.000 денари, сакаме муштериите да се третирани максимално, да бидат задоволни од изборот на продавачот и од изборот на производите. Целата наша фирма се движи кон тоа да го задоволи муштеријата најмногу што може, да може потрошувачот повторно да се врати и да има доверба во нас. Довербата ни е најважна. Нас како луѓе ни значи многу, затоа ја пренесуваме на останатите и затоа имаме успешна соработка.
БИ: Имате специјални обуки за луѓето што работат на продажба?
Да, оваа година имаме целосна обука на вработените кои се директно вклучени во продажба, која опфаќа околу 60 луѓе. Обуката трае цела година. Годинава обуките ги спроведува предавач кој доаѓа од Хрватска, од фирмата Хоризонт која има претставништво и во Македонија. И јас и брат ми се уште одиме на разни дообуки, овој пат довербата ја дадовме на ЦЕЕД Македонија. Мислам дека доедукацијата е клучен фактор за унапредување на фирмата, за унапредување на вработените.
БИ: Колку е тешко да се најде добар работник?
Па добро, треба да се потрудиш повеќе за да ги најдеш вистинските луѓе. Пред еден месец имавме конкурс и се јавија скоро 300 луѓе, но вистината е дека голем дел од пријавените немаат визија, не знаат ништо за фирмата, не проверуваат каде доаѓаат, што би работеле. Оние што ќе ја поминат селекцијата ги праќаме на 30 дневна платена обука низ дуќаните и најинтересното е што ние како сопственици не одлучуваме кој ќе остане на работа и немаме влијание врз изборот. Ако се работи за малопродажба, имаат 30 дневна обука и во тој период треба да ги поминат сите дуќани, сите колеги со кои би работеле во иднина. Селекцијата ја прават самите вработени. Со стекнатото искуство тие најдобро знаат да ги проценат и да ги одберат. Во последните пет дена се прави последната селекција, имаме тројца скришни одлучувачи, кои заедно со одговорните на дуќаните и менаџерот на малопродажба одлучуваат дали кандидатите се за во тимот или не се. Знаат да им направат тестови, сопки, да ги испровоцираат… Мора многу да внимаваме на изборот на вработени што се во директен контакт со муштериите, затоа што муштеријата не простува, ако нешто не му се допаѓа, ќе оди кај конкуренцијата.
Фирмата е поделена на малопродажба и големопродажба, увоз и извоз. Секој сектор има одговорен и хиерархијата е многу важна, мора секој да си го знае местото и мора да знае секој вработен дека може да напредува без ограничување. Кај нас нема ‘ти си ставен во продавница и таму ќе останеш’, туку напротив, се зависи од вработените и нивната желба за напредок.
БИ: Како се справувате со конкуренцијата?
До 95% од конкуренцијата соработуваме и имаме одлучни врски без разлика дали се големите ланци или се мали увозници. Со сите сораборуваме и имаме најдено заеднички јазик. Во тој дел сме отворени, соработуваме и гледаме да си помогнеме едни на други. Немаме потреба од ставање сопки, затоа што утре таа сопка нас ќе не сопне.
БИ: Какви се вашите планови за во иднина? Ќе се проширувате надвор од Скопје со дуќани, ќе отворате нови извозни пазари?
Што се однесува до малопродажба, нашите дуќани не се огромни, зафаќаат од 60 до 300 квадрати, затоа што планот ни е кога ќе дојде муштерија, се да биде фокусирано на него, да не лута по дуќанот, туку напротив да може да добие максимална услуга и да го најде вистинскиот производ. Планот ни е да се шириме како што има потреба. Сега во ГТЦ отвараме нов дуќан затоа што така ни бараа потрошувачите. Што се однесува до извозот, веќе работиме во Србија и Косово, сега преговараме да почнеме да го извезуваме брендот maX во Грција и понатаму ќе видиме како ќе се шириме.