Кога ќе одлучите да работите со веќе докажан бренд ширум светот, застапен во повеќе од 30 држави со над 700 центри, тогаш успехот ви е загарантиран. Ние само го следиме чекорот на многуте успешни примери.
БИ: Методот Хелен Дорон за учење на англиски јазик е нешто ново во Македонија. Може да ни кажете нешто повеќе за овој метод?
Helen Doron Early English претставува револуционерен систем за рано изучување на англискиот јазик, многу поразличен од конвенционалниот начин на учење. Хелен Дорон методот се базира на посебни материјали и креативен пристап во усвојувањето на јазикот кај децата. Со овој пристап се поттикнува природната способност кај децата за усвојување на јазикот, низ постојано слушање на јазикот дома и низ забавни активности на часот. Така се создава позитивна и исполнета атмосфера која го поттикнува детето да го усвои англискиот јазик како мајчин јазик. Целта е децата да научат да зборуваат странски јазик истовремено додека го учат и мајчиниот јазик т.е. пред да научат да пишуваат и да читат. Овој револуционерен систем на учење (кој денес е прифатен во светот на педагогијата), функционира преку 25 години и многу одамна се надминати сите предрасуди на многу родители и старатели кои верувале дека е невообичаено децата и бебињата да се подучуваат на друг јазик, понекогаш и пред да го научат мајчиниот. Со овој пристап Хелен Дорон го прошири сознанието дека децата имаат предиспозиции да усвојат повеќе од еден јазик истовремено и дека поттикнувањето на нивните јазични способности не го развива само нивното познавање од јазици, туку истовремено го збогатува нивниот свет и го зацврстува нивниот развој.
БИ: Какви техники се применуваат при учењето? Има некакви карактеристики по кои методот Хелен Дорон се разликува од другите методи?
Хелен Дорон методот во целост е различен и уникатен метод за изучување на англискот јазик. Пред се, со овој систем можат да се едуцираат многу мали деца (бебиња од три месеци), па се до тинејџери (до 18 год). За секоја возраст има посебна програма во која методот, техниките и вокабуларот се прилагодени на возраста. Методот е лесен, музикален и брзо дава резултати. Јазикот се учи преку песни, игри и многу креативност. Секое дете при уписот добива сет со материјали за учење кои одговараат на високиот педагошки стандард, во кои има неколку цедиња со песни, ДВД и книги. Децата дома ги слушаат песните и ги гледаат видеата, со што редовно го повторуват материјалот, а од друга стана и многу се забавуваат. Наставата се изведува во мали групи најмногу до осум деца, во специјализирани простории по Хелен Дорон стандарди.
БИ: Кои се придобивките од учењето англиски јазик по овој метод?
Најголемата придобивка од изучувањето на англискиот јазик по Хелен Дорон методот е тоа што децата го научуваат како мајчин јазик. Децата научуваат да размислуваат на англиски. Нивниот акцент е одличен, а комуникацијата им е слободна и флуентна. Тие не размислуваат како да се изразат на англиски, тоа им доаѓа природно. Преку овој метод, освен изучувањето на англискиот јазик, децата добиваат големи придобивки и врз нивниот ран детски развој. Нашите деца имаат подобар развој, повеќе самодоверба, самопочитување, поголема толеранција и подобри изгледи за вработување, бидејќи познавањето два јазика воедно значи и познавање на две култури (посебно ако детето почнува да ги учи рано). Г-ѓата Хелен Дорон, основач на Хелен Дорон методот и сопственик на Helen Doron Educationl Group вели: “Горди сме на промените во животите на децата и нивните родители ширум светот.”
БИ: Како ќе функционира центарот во Струмица? Ќе можат да се запишат деца од било која возраст или мора да се започне од најмала возраст и да се напредува по нивоа?
Подготовките на Хелен Дорон центарот во Струмица се при крај. Центарот ќе биде спремен по Хелен Дорон стандарди. Се наоѓа во центарот на градот, во простор од 140 м2. Ќе профункционира на крајот од месецот, за веќе од септември да започнеме со уписи. Во септември родителите ќе можат да ги запишат своите деца на возраст од три месеци до 18 години. Како што спомнав предходно, за секоја возраст имаме соодветна програма, но има и напредна програма за тие деца што имаат предходни предзнаења. При уписот секое дете ќе биде добие специјален тест со кој се утврдува во која програма ќе биде запишано, соодветно со неговото знаење.
БИ: Имате и програма специјално наменета за тинејџери, Helen Doron Teen English. Кажете ни нешто повеќе за тоа?
Хелен Дорон програмата е намената за сите деца, затоа и се вика English for All Children. Helen Doron Educational Group во јануари 2011 година ја лансира новата програма, Helen Doron English for Teenagers, наменета специјално за тинејџери кои го учат англискиот како втор јазик. Со тоа го проширува својот асортиман на динамична и инвентивна настава, при што ги вклучи и повозрасните деца. Развиен во соработка со Pearson Education, водечки светски авторитет за проценка на знаењето, Helen Doron English for Teenagers ги подготвува своите ученици за успех на Common European Framework (CEF) испитите. Моменталниот наставен материјал ги покрива нивоата A2, B1, B1+, B2 и C1.
Со цела низа печатени и дигитални материјали и песни, Helen Doron English за тинејџери е атрактивна програма, бидејќи се состои од разни ситуации и проблеми со кои учениците се соочуваат секој ден во животот. Во оваа програма изучувањето на граматиката и сложените граматички форми е направено на лесен и интересен начин, лесно применлив, кој тинејџерите го обожуваат.
БИ: Како се подготвуваат предавачите?
Helen Doron Early English вложува голем труд во обуката на своите учители, за да бидат сигурни дека имаат квалитетни кадри. Поради тоа сите курсеви за учители се организирани како посебни специјализирана обуки по Хелен Дорон методот: забавни се, се одржуваат во мали групи и инспиративна атмосфера која им овозможува на кандидатите да уживаат во учењето. Обуките ги вршат специјално обучени Хелен Дорон едукатори. Во Македонија обуките ќе ги вршат луѓе од странство, т.е едукатори кои ни ги испраќаат од Helen Doron Educational Group. По поминатата обука, тренерите добиваат сертификат. Само со тој сертификат можат да работат во Хелен Дорон центрите насекаде во светот и кај нас. Обуката на тренерите е постојана, така што тие секоја година се дообучуваат.
БИ: Очекувате ли голем интерес кај македонските граѓани за ваков вид едукација?
Пред да се одлучиме да ја донесеме оваа програма во Македонија, направиме истажувања на пазарот и потребите од ваков тип на едукација. Податоците покажуваат дека голем број на деца од училишна возраст посетувуваат настава на англиски јазик вон наставниот процес. Но, голем е и бројот на незадоволни родители и деца од конвенционалниот начин на изучување. Децата имаат проблем со комуникацијата на англиски јазик, со флуентноста и акцентот. Многу од децата разбираат англиски, но многу тешко комунициираат или воопшто не комуницираат. Токму поради тоа очекуваме голем интерес и се надеваме дека родителите и децата ќе ја препознаат вредноста на програмата, бидејќи нашите граѓани знаат да одберат квалитет, особено кога се во прашање нивните деца. Од друга страна, Helen Doron Early English нуди курсеви и за најмалите. Кај овие курсеви очекуваме и најголемиот интерес, бидејќи овие деца освен што немаат кај да се запишат на друго место, имаат фантастични програми кај нас. Методологијата е донесена до совршенство. Знаете, кога ќе одлучите да работите со веќе докажан бренд ширум светот, застапен во повеќе од 30 држави со над 700 центри, тогаш успехот ви е загарантиран. Ние го следиме само чекорот на многуте успешни примери.
БИ: Веќе сте присутни во областа на едукацијата, во Струмица имате центар на Brainobrain. Како дојдовте до соработка со оваа детска академија?
Да, во Струмица имаме и Brainobrain центар на кој сме особено горди. Овој центар започна со работа во септември минатата година. Соработката со Детската Академија Brainobrain започна спонтано. Во мај 2012 година мојот сопруг Горан Динов беше на Петтата ЦЕЕД Регионална Конференција во Варшава, преку проектот на ЦЕЕД за микро и мали претпријатија финансиран од УСАИД. Таму случајно ја запозна г-ѓата Цанка Велкова, генерален менаџер на Brainobrain Europe, која во неформален разговор му ја објасни програмата и можноста за отворање на франшизен центар во Струмица. Оваа можност и на двајцата ни се виде интересна. Кога Горан се врати во Македонија, ја продолживме комуникацијата и одлучивме да соработуваме. Најдовме простор, обучивме тренери кои ја поминаа специјалната обука за Brainobrain тренери и на 6 октомври 2012 започнавме со работа. Уште на самиот почеток интересот беше голем, за само два месеци запишавме 50 деца, до крајот на школската година имавме 100 деца, што е голем успех. Струмичани знаат да изберат квалитет, тие се грижат за иднината на нивните деца, затоа ја избраа Brainobrain програмата, бидејќи е најдобра за мозочен развој и стекнување на ментални вештини кај децата. Имаме деца кои се веќе трето ниво. Нашите деца почнаа да се препознаваат и надвор. Учителките во училиштата забележуваат напредок во нивниот интелектуален развој. Секојдневно добиваме пофалби и позитивни критики за програмата. Веќе почнавме да се подготвуваме за новата учебна година и за новите уписи. Очекуваме да ја дуплираме бројката на деца од минатата година, а и најавите ни одат во прилог на очекувањата. За таа цел планираме да го зголемиме и наставниот кадар.
БИ: Вие ја добивте мастер франшизата за Македонија. Центарот ќе биде во Струмица. Какви се плановите за ширење во другите градови низ државата?
Со добивањето на Мастер франшизата, освен што треба да отвориме наш центар во Струмица, имаме за обврска да изнајдеме партнери и низ другите градови во Македонија кои ќе станат дел од светски успешната Helen Doron лиценца и ќе управуваат со свој училишен центар. Од нас тие ќе ја добијат целата помош и поддршка која е потребна за отворање на центарот, како и за понатамошното функционирање. Наша обврска е организирање на обуките и семинарите, одржување на годишни конференции, набавка на материјали, како и реализирање на маркетинг стратегија на државно ниво. Се надевам дека наскоро ќе ги најдеме вистинските луѓе со кои ќе ја прошириме програмата низ државата и ќе им овозможиме на сите граѓани поквалитетна едукација за нивните деца. Ве уверувам, нема поубава и поблагородна работа од работата со деца. Нивната среќа и нивното задоволство се нашата движечка сила. Ние сме убедени дека просперитетот на една земја започнува со вложување во раното детство. Верувам дека ќе успееме да придонесеме за развојот во раното детство на многу деца во Македонија.