Никогаш не се откажавме, научивме да слушаме, да се подобруваме и да успееме

158
Зоран Настески – извршен директор и ко-основач на Qpick

За да се дојде до една успешна приказна потребно е да се вложи многу труд, да се искусат подеми, падови, разочарувања, откажувања… Токму за една таква приказна зборуваме со Зоран Настески, претприемач, во тесен сојуз со иновацијата и технологијата.

БИ: Кој е и што се вклучува работното портфолио на Зоран Настески?

Уште во основно училиште постојано се инволвирав во техничките работни групи за електроника и технологија, каде што активно бев вклучен со неколку другари. Не нè интересираа многу игри без граници, постојано бевме во еден маалски електро сервис за телевизори, пробувавме да направиме наша аркадна игра повеќе познато како флипер. Мојата генерација е на границата помеѓу аналогната и дигиталната ера, кога почнаа трансформациите точно знаев каде припаѓам.

Мојата кариера започна уште како тинејџер. Со повеќе од 20 години искуство во дигиталната индустрија позади себе имам портфолио од над 100 дигитални проекти вклучувајќи аудиовизуелни креации, дизајнерски решенија, веб страни и мобилни апликации и игри. Она што е многу битно, а би сакал да напоменам, е дека во овие проекти се колаборирав со над 170 таленти и креативци од цел свет. Уште на самиот почеток на мојата кариера научив дека големите успеси и дела се реализираат со добар тим.

Во мојата кариера успеав да изградам три, но и да изгубам две компании, во четири различни држави, а некои од државите каде што регистриравме компании никогаш не ги ни посетив. За себе можам да кажам дека сум човек кој го гледа светот преку иновација и можности за подобрување. Постојано сум во потрага по таленти кои се осмелуваат да креираат работи за кои никој никогаш не ни помислил.

БИ: Повеќе години сте дел од една приказна наречена Инсепшн Ентерпрајсес. Со што точно се занимавате и од кога и како се роди желбата да се биде дел од овој бизнис?

Долго време работев како “Freelancе Creative” на проекти. Заработувачката и слободата беа одлични, патував и запознавав луѓе. Но, во одреден дел од мојата каријера имав шанса да се спријателам со мојот до ден денес ментор, Дарко, кој ми го постави во тоа време можеби и едно од најбитните прашања: “Нели сакаш да изградиш нешто што ќе остане и после тебе?”. Ова е калибрирано прашање што можеби беше и главниот поттик за основање на Инсепшн Ентерпрајсес. Напишавме бизнис план, точно знаевме што сакаме да понудиме на пазарот. Ја регистриравме компанијата и од тука па натаму сè беше наопаку. Да точно така, наопаку. Инсепшн во првата година банкротираше четири пати, кога бродот тонеше нè напуштија сите соработници, многу нормално. Но, баш ова нè направи голема компанија. Без пораз нема успех нели.

Започнавме во Април 2013 година, а денеска Инсепшн Ентерпрајс е компанија која постојано расте, ангажира голем број на таленти кои работат на проекти за Австралија, Франција, Германија, Литванија и САД.

Инсепшн Ентерпрајс има посебна култура и модел. Работиме на дигитални производи и иновации за бизнис клиенти, но и на проекти од јавен интерес поддржани од партнери кои инвестираат во иновации.

БИ: Како старт/ап компанија не лесно може да се успее во нашата земја. Како и каде се роди Qpick апликацијата?

Qpick е три години идеја работена после работно време во просториите на Инсепшн Ентерпрајс и викенди во подрумот на мојот бизнис партнер, со-сопственик и “CTO” на Qpick, Дамјан. Oнa што го научивме работејќи за нашите клиенти беше време да се имплементира во наш производ. Мотивацијата за да почнеме да ја градиме Qpick ја добивме во Сан Франциско на Глобалниот Самит за Претприемништво (GES) каде што бев поканет како делегат за претприемништвото од регионот со уште 100 други претприемачи од цел свет. Имав можност да го прашам Daymond John како успеа да изгради толку голема копмпанија, неговиот одговор беше дека сите сме обични луѓе, само некои од нас се обидуваат, подобруваат, одат напред и успеваат. По враќањето од Сан Франциско почнавме со скици, модели, процеси, мапирање на иновацијата, планирање на новата компанија и после година ипол работа Qpick доби награда за Најиновативна Бизнис Идеја од Охридска Банка Сосиете Женерал. Qpick не беше идеја која се роди како инспирација за награда, капитализација или бизнис. Qpick беше идеја за која бевме 100% сигурни дека ќе го смени начинот на кој трговците и потрошувачите комуницираат.

БИ: Стартот на развојот на Qpick е со помош на една донација од компанија која ја препозна вашата идеја и ентузијазам. Кои беа тие што први ви “подадоа” рака и дали имаше уште некој кој ја препозна вашата идеја и можност за развој?

Како што напоменав Qpick најпрво беше препознаен од Охридска Банка и освои прво место од вкупно 160 идеи. За јавноста тоа изгледаше како еден обид, една победа. Во моментов пишувам кратка статија која ќе ја објавам на крајот на месецов. Qpick аплицираше на 130 понуди за стартапи, бевме одбиени 129 пати. Секогаш кога ќе нè одбиеа баравме одговор зошто. Тоа за нас не значеше дека никој не нè сака, туку беше повик за подобрување. Од фидбекот Qpick го подобри бизнис моделот, стратегијата, продуктот, функциите, тестиравме, прашувавме и прогресиравме. Никој не го забележуваше тоа бидејќи прогресот беше на ниво на креација и иновација, немавме продукт на пазар. После година ипол Qpick влезе во финалните 10 стартапи на Dubai Accelerator and DuTelecom, во финалната селекција од 20 стартапи на Design Terminal and MOL Group, во финалните 15 стартапи на Fora De Casca и Nestle и за крај победивме, добивме награда од Охридска Банка Сосиете Генерале. Ова значеше многу за нас, почнавме да работиме со уште поголема динамика, 100% се фокусиравме на Qpick и почнавме да регрутираме таленти да ни помогнат. По ова следеше победа на BootCamp во Загреб организиран од Microsoft каде што бевме забележани од Startup Wise Guys, победа на Балкан Хакатонот во Софија организиран од Европската Комисија.

Денеска Qpick е првиот партнер на Startup Wise Guys од регионот, а нивната приказна за нас е многу интересна. Кога ќе го прашате Кристобал Алонсо за нас ќе ви објасни дека два пати не одбија и дека беа воодушевени од нашата способност да преживееме и да продолжиме напред. Инаку SWG е најголемиот акцелератор во Европа. По партнерството со SWG следеше и поддршката од Фондот за иновации и технолошки развој што ни овозможи да се движиме со уште поголема динамика. Ко-инвестицијата ни овозможи да вработиме таленти во Македонија кои се дел од движечката сила на Qpick.

Поентата е, кога почнавме бевме смешни, чудни, нејасни и лоши. Две години деноноќна работа, работите почнаа да функционираат како што треба. Никогаш не се откажавме, научивме да слушаме и да се подобруваме. Според нас тоа е најбитно за да се успее!

Qpick е Македонска компанија која успеа да влезе во топ 10 стартапи во Литванија на Startup Fair Change 2019 во Вилниус. Јавноста не знае како компанијата која победи на повикот на Охридска Банка, но Qpick е три години работа во подрум, 130 апликации, 10 градови, многу НЕ СТЕ ДОБРИ  и неколку ВЕРУВАМЕ ВО ВАС!.

БИ: Дали ја препознавте потребата од ваков дигитален производ и дали идејата доаѓа од претходно искуство или тоа се склоп на околности и креативност?

Qpick е иновација базирана на повеќе од 50 години комбинирано искуство на тројца основачи. Тимот на Qpick има голема експертиза од малопродажба, технологија, иновација и бизнис. Работата преку Инсепшн Ентерпрајсес ни донесе знаење на темата на машинско учење и вештачка интелегенција. Работевме за многу трговци кои пробуваат да бидат дигитално конкурентни и директно сме запознаени со нивниот проблем и точно знаеме како да го решиме. Qpick е компанија на луѓе со многу прецизна мисија и јасна визија, на која што работиме веќе три години.

БИ: Добрата идеја многу тешко може да се развие во бизнис без помагачи. Кои беа луѓето/организациите што даваа поддршка за приказната да има успешен тек, и дали тоа е еден од начините да се успее?

Нашиот концепт започна со менторство, каде што јас и Дамјан креативно творевме и креиравме, а Дарко директно влијаеше на бизнисот како експерт… ние сме основачите на компанијата.

Ние лично не веруваме дека добра идеја може да се развие во добар бизнис без помагачи. Најголемата грешка што ја прават голем дел од основачите и креаторите на дигитални бизниси, си се заљубуваат во идејата и си ја кријат. Добрата идеја треба да се комуницира за да може да фати форма, да се прашува, да се критикува и да се обликува.

Qpick прогресира затоа што постојано учиме, а верувале или не во период од три години бевме менторирани од над 50 експерти од цел свет, вклучувајќи ги Артемис Тоник од Атина, Фабрис Теста од Луксембург, Мајк Белсито од САД, Климент Мицковски од Австралија, Корбин Норман од САД, Кристобал Алонсо и многу други кои имаат одличен “трак рекорд“ на темата на дигитална технологија.

Погодете како ги убедивме да ни помогнат, да нè подучат и да нè водат? Едноставно е… ги прашавме.

Кога сте мали и немате пари сè што треба да направите е добро сценарио, да покажете мотивација и јасна цел. Барајте помош, многу луѓе сакаат да помагаат на амбициозни стартапи.

Работа на секој претприемач е да излезе од гаража, да привлече внимание, да основа претпријатие што ќе ги привлече најдобрите таленти и ќе се отвори за менторирање.

БИ: Колку кај нас се користат дигиталните услуги за промоција на некој производ или услуга? Дали воопшто може да се направи компарација со другите светски пазари?

Ние сме отворена земја и за трговија и за иновација. Можеби не прогресираме како некои држави каде што има повеќе капитал на дофат, но тоа не е бариера. Дигиталната индустрија има многу можности, а тоа за нашите трговци е многу битно. Голем број од трговците кои секојдневно се борат на пазарот да привлечат клиенти преку секој можен канал (онлајн/офлајн) се спремни да имплементираат нови технолошки решенија, да учат и да се модернизираат. Во нашата држава се гледа сериозен раст на полето на дигиталната трговија и маркетинг, бројките се јасни дури и ако направите компарација ќе видите дека и земји од Европската Унија имаат помал раст затоа што големите платформи се длабоко интегрирани во нивните економии и е поскапо да се биде дигитално конкурентен. Ние имаме сериозна предност, а Qpick ќе ја искористи оваа предност за на нашите трговци да им овозможи ефикасно работење на секој дигитален канал.

БИ: Што можете да им препорачате на сите оние кои сакаат за започнат сопствен бизнис, на оние кои многу пати биле одбиени и на оние кои сè уште имаат страв да направат промена во својот живот.

Разликата од основач до претприемач е тоа што добар претприемач никогаш не размислува во еднина и краткорочно. Добра бизнис идеја е приказна на основач. Успешен бизнис е приказна на упорен претприемач кој ќе успее да спои многу луѓе и да креира сериозна компанија.

Една од најпаметните работи што може да ја направи еден основач е да праша колку луѓе мислат дека неговата идеја е добра. Тие што ќе ви одговорат со ДА се вашите со-основачи, убедете ги да ви се приклучат и почнете со вашата приказна.

Замислете, сè околу вас е измислено и реализирано од обични луѓе кои се осмелиле, учеле, се подобрувале и направиле империја. Нема страв, нема изговори. Само напорна работа ако сакате да бидете дел од 2% креаторитите во овој свет. И секако помалку его, барајте помош.

БИ: Каде се гледа Зоран Настески за 10 години?

Истите луѓе, истата амбиција, истата мотивација, нова мисија. Никогаш нема да престанеме со креирање. Ова е нашата цел, ова е затоа што сме овде. Ова се луѓето кои веруваа во нас и со истите ќе продолжиме да ги реплицираме сите наши успеси. Бизнисот може да биде краторочен или долгорочен, добрите партнерства остануваат засекогаш!