
„Зелените ленти” овозможуваат непречен проток на стока и се клучни за зајакнување на конкурентноста на компаниите и за градење доверба меѓу соседите. Наша заедничка одговорност е добрите концепти да ги претвориме во целосно функционални системи во пракса. Меморандумoт за електронска размена на податоци со Бугарија што го потпишавме денеска во Брисел е доказ за нашата силна посветеност за подобрување на системот на функционирање на зелените ленти преку електронска размена на податоци уште пред стоката да пристигне на граница. Ова го истакна во официјално обраќање директорот Бобан Николовски на неформалниот состанок на генералните директори на Царинските управи, организиран од Секретаријатот на ЦЕФТА во Брисел.
На средбата генералните директори и директорите на Секретаријатот на ЦЕФТА и Транспортната заедница дискутираа за следните чекори во спроведувањето на Меморандумите за разбирање кои беа потпишани во Брисел како дел од иницијативата „Зелени ленти”, како и за понатамошното проширување и продлабочување на иницијативата меѓу ЦЕФТА и Европската Унија на стратешко ниво.













