Новата конзола на Microsoft – Xbox One во продажба до крајот на годинава

27

microsoft-xbox-one-4842_610x407 (1)Новата домашна гејмерска конзола Xbox One на Microsoft, ќе започне да се продава до крајот на годинава, објави на презентацијата во кампусот на Microsoft во Редмонд, шефот на тимот за развој на Xbox, Дон Матрик.

Колку ќе чини овој уред се уште не е познато. Претходната генерација на Xbox 360 се појави во продажба кон крајот на 2005 година. Еден од конкурентитие на Xbox One, конзолата Nintendo Wii U веќе е достапна на пазарите од крајот на 2012 година, додека пак продажбата на промовираниот Sony PlayStation 4 во февруари, исто така се очекува да започне подоцна годинава.

Карактеристика на Xbox One е тоа што може да се управува со гласовни команди. Корисникот со својот глас ќе може да ја вклучи конзолата, да ги исклучи апликациите, да отвора делови од содржината, да одговорат на Skype – повици итн.

Претставниците на Microsoft најавуваат дека за Xbox One во првата година ќе бидат ексклузивно достапни на располагање 15 игри, од кои осум се сосема нови франшизи. Компанијата веќе ги претстави игрите Forza Motorsports 5 и Quantum Break коишто ќе бидат достапни истовремено со почетокот на продажбата на конзолата.

Програмерите на видеоиграта Electronic Arts објавија четири спортски симулатори за Xbox One: Fifa 14, Maddren 25, NBA Live 14 и UFC. Покрај тоа, извршниот директор на Activision, Ерик Хиршберг ја најави новата игра Call of Duty Ghosts, со можност за преземање на содржината која првично ќе се појави на Xbox One.

Од Microsoft велат дека конзолата е како платформа за социјална (друштвена) телевизија. Како што се очекува, од компанијата подетални информациите за конзолата и за содржините за неа ќе дадат на конференцијата за игри Е3 во јуни.