
Народната банка од денес започнува со редовно објавување квартални податоци за финансиските сметки – трансакции, со што се збогатува сетот на статистичките податоци во областа на финансиските сметки со нови информации за нето-задолжувањето и/или нето-позајмувањето помеѓу секторите во домашната економија и со секторот „странство“.
Покрај редовното објавување на податоците за финансиските сметки – состојби, со објавувањето на податоците за трансакциите, Народната банка им става на располагање на носителите на политики, научната и истражувачката заедница и на пошироката јавност, нови податоци за анализа на изворите и динамиката на финансиските движења помеѓу секторите, како и за подобра процена на финансиското однесување на поединечните сектори. За разлика од состојбите, трансакциите ја прикажуваат промената во извештајниот период, настаната како резултат на ново задолжување или позајмување, стекнување/отуѓување на финансиските средства или создавање/намалување на обврските (на пример: купување/продажба на хартии од вредност, промени кај заемите, вложувања и повлекувања на капиталот и сл.).
Податоците ќе се изработуваат со квартална динамика, на неконсолидирана и консолидирана основа, искажани во домашна валута (во милиони денари). На интернет-страницата на Народната банка е објавена временска серија на податоци за периодот од првиот квартал на 2016 до вториот квартал на 2025 година, како и кратки методолошки објаснувања. Податоците се изработени во согласност со меѓународните и европските статистички стандарди и ќе се објавуваат со редовна динамика, четири месеци по истекот на извештајниот период (квартал).
Објавувањето на статистичките податоци за финансиските сметки − трансакции е уште една потврда на постојаните напори на Народната банка за целосно исполнување на највисоките статистички барања и за натамошно унапредување на своето работење и навремена подготовка за пристапување кон Европскиот систем на централни банки, што е и една од нашите стратегиски цели.














