Новогодишната кошница заврши – апел до сите чинители во ланецот на прехранбени производи да не ги зголемуваат цените

апел и опомена до сите чинители во ланецот на прехранбени производи во наредниот период да не дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи, по завршување на Новогодишната кошни

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојаноски одржаа состанок со дел од претставниците на производителите, дистрибутерите и трговците кои учествуваа во акцијата Новогодишна кошница која што се применуваше од 15 декември 2024 до 15 јануари 2025 година.

Заменик министерот Ристески се заблагодари на сите производители, дистрибутери и трговци кои што се приклучија и учествуваа во оваа акција и ги намалија цените на прехранбените производи и на дел од пијалоците за време на новогодишните и божиќните празници.

На листата на производи, како што е објавено и на веб-страната Моја кошница која штоја креираше Министерството за економија и труд за оваа акција се вклучени 1178 производи од 96 производители и дистрибутери се вклучија 51 маркети, а акцијата се применуваше во 762 продажно место.

Во духот на социјалната одговорност и солидарноста, од Министерството за економија и труд беше  напоменето дека очекувањата се сите учесници во малопродажбата – производителите на храна, дистрибутерите и ланците на маркети, ќе направат максимални напори и ќе ги задржат цените на производите на исто ниво по завршување на акцијата.

Акцијата за прв пат е иницирана и спроведена од страна на бизнис секторот  и во текот на следните недели се очекуваат анализи на ефектите од ваквата акција.

Од Министерството за економија беше потенцирано сите учесници треба да се воздржат од зголемување на цените на прехранбените производи кои беа дел од оаа акција и во таа насока се подготвени да комуницираат во духот на соработката.

Беше упатен апел и опомена до сите чинители во ланецот на прехранбени производи во наредниот период да не дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи, по завршување на Новогодишната кошница, за да не се носат мерки страна на Министерството за економија и труд, односно беше кажано дека Министерството ќе ги искористи сите механизми кои ги има на располагање за да се заштити стандардот на граѓаните.

Беше заклучено дека оваа акција е од исклучително значење за зачувување на економската стабилност во нашата држава и за спречување на понатамошен раст на инфлацијата која влијае врз животниот стандард на сите граѓани.

Во овие предизвикувачки времиња, клучна улога во заштитата на економијата имаат токму  производителите и трговците, како носители на понудата на пазарот.

Подготвеноста да се воздржат од покачување на цените нема само да придонесе за заштита на куповната моќ на граѓаните, туку ќе испрати и јасна порака за Вашата посветеност кон заедничката иднина на нашето општество, што пак ќе доведе до директно влијание врз зајакнување на довербата меѓу сите чинители во општеството, а особено кон потрошувачите.

Државниот пазарен инспекторат останува на терен да ја следи состојбата со цените.