Објавен е традиционалниот конкурс за учениците од основните и средните училишта по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври

Народната банка и Министерството за финансии традиционално, тринаесетта година по ред, по повод одбележувањето на Светскиот ден на штедењето – 31 октомври го објавија Конкурсот за учениците од основното и средното образование. Целта на  Конкурсот е да се поттикне креативноста, имагинацијата и интересот на учениците за важноста на штедењето за иднината, како и за улогата на штедењето, парите и финансиските услуги во современото дигитално време.

Учениците од основното образование може да испратат литературна и / или ликовна творба на темата: „Да штедиме за нашите желби, да штедиме за нашата иднина“. За избраните 12 најдобри творби на учениците од основното образование ќе им бидат доделени  парични награди, и тоа: 3 награди за најдобар цртеж / дигитален цртеж за учениците од 1. до 5. одделение; 3 награди за најдобар цртеж / дигитален цртеж за учениците од 6. до 9. одделение; 3 награди за најдобра песна за учениците од 1. до 5. одделение и 3 награди за најдобар расказ за учениците од 6. до 9. одделение.

Учениците од средното образование може да испратат литературна творба ‒ есеј на темата: „Штедењето, парите и финансиските услуги во современата дигитална ера“. За избраните 3 најдобри творби на учениците од средното образование ќе им бидат доделени парични награди.

Крајниот рок за доставување на творбите е 15 октомври 2025 година.

Списокот на наградените ученици ќе биде објавен најдоцна до 31 октомври 2025 година, на интернет-страниците на Народната банка и на Министерството за финансии.

Народната банка и Министерството за финансии ги повикуваат заинтересираните ученици да достават творби на објавениот конкурс. Веруваме дека и оваа година Конкурсот ќе предизвика голем интерес меѓу учениците од основните и средните училишта во нашата земја и дека дополнително ќе го поттикне стекнувањето и развивањето на навиките за штедење.