Осигурајте си ги домашните миленици: Ако нападнат или каснат човек, казните се големи

1405

Како во светот, така и во Македонија, сè почесто семејствата се одлучуваат да имаат домашни миленици. Семејствата во кои се чуваат миленици, добро ја знаат врската помеѓу миленикот и човекот. Сè почеста е појавата на згрижување и вдомување на миленици кои се напуштени или оставени од своите сопственици. Тоа е со цел да се направи и добро дело кон општеството. Исто така, и да се најде “партнер“ со кој во домот ќе се внесе ведрина и забава. Скоро и да нема семејство со деца, каде оваа тема не била ставена на дневен ред.

Кои видови животни можат да се осигурат?

Ова осигурување е наменето за домашни животни (коњи, говеда, свињи, овци, кози, пердувести животни), домашни миленици (кучиња), пчели, риби и егзотични животни. Основното покритие обезбедува животните да се осигурат од смрт од болест, или несреќен случај. Со одредена доплата можат да се вклучат покритија за следните случаи: губење на ждребе, или теле при ождребување/отелување. Исто така, делумно умирање на пчелните семејства од хемиски препарати, кои што се користат во земјоделството. Потоа лекување на домашни миленици (кучиња) ибегање на риби од рибогоилиште поради поплава, или буици.

Можат да се осигурат животни за време на престој во карантин, животни на изложби, егзотични животни во и надвор од зоолошки градини, машки приплодни грла, од опасност за загуба на приплодната способност. Триглав Осигурување, како општествено одговорна компанија, нуди дополнителни поволности за осигурување на домашни миленици (кучиња), кои се користат за медицински потреби кај деца со аутизам и кај слепи лица.

Која е потребната документација за осигурување животни

За да се направи осигурување на потребно е да се исполнат следниве критериуми:

  • Единствен регистарски број на одгледувалиштето (РБО);
  • Доказ за сопственост на животните (за кучиња и егзотични животни);
  • Бројна состојба на РБО (за добиток) каде се наведени бројот на ушните маркици, датум на раѓање на грлата, раса и датум на регистрација на грлата;
  • Единствен број за идeнтификација на кучиња;
  • Изјава од матичен ветеринар дека животните се во добра здравствена состојба пред да влезат во осигурување.

Осигурување од штетата предизвикана од напад на домашно куче

Штетата која може да настане и за која сопственикот на кучето може да одговара понекогаш е дури и превисока. Тука осигурувањето нуди решение: постои можност за осигурување од одговорност за штетата која кучето ја нанело на трети лица. Повеќето од нашите осигурители овозможуваат склучување на договор за осигурување од општа вондоговорна одговорност. Во него е вклучена и одговорноста на сопственикот за штетата што ќе ја предизвика кучето на трети лица. Друг начин кој е доста поприфатлив по однос на својата цена (чинењето на премиите) е осигурувањето на домаќинството. Повеќето осигурители како осигуран ризик ја покриваат и одговорноста за штетата која “питомите животни“ ја нанесуваат на трети лица. Покрај корист од осигурување на домаќинството од разни ризици (бура, пожар, гром) сопственикот на кучето добива уште еден вид осигурување. Одговорноста од штетата што тоа куче би можело да ја нанесе на трети лица влегува во пакетот на осигурани ризици.

Пракса на судовите во однос на штета предизвикана од домашни миленици

Според Законот за заштита и благосостојба на животните, сопствениците на кучиња имаат обврска да ги пријават своите кучиња еднаш годишно. Тие мора да се идентификуваат и регирстрираат, а трошоците за ова се на товар на сопствениците на кучињата. Регистрираните кучиња кога се на јавно место треба да бидат врзани, со исклучок на ловечките и овчарските кучиња. За непридржување кон ваквите законските прописи за сопствениците на кучиња пропишани се парични казни. При каснување од куче, за помала повреда на жртвата сопственикот ќе треба да плати казна од четири до осум илјади денари. За помали гребаници и до 2.000 денари. Се случува наместо во прекршочниот оддел во судот ваквите случаи да завршат како кривични предмети. Ова е најчесто кога куче од поголема раса на жртвата ќе ѝ нанесе тешки повреди и трауми поради претрпен страв. Ваквите случаи знаат да завршат со високи парични казни, но и со казни затвор во траење од една до две години.

Град Скопје и ЈП Комунална хигиена, главни “виновници” за исплата штета за каснување од куче

Град Скопје и Kомунална хигиена исплаќаат отштета на граѓани што биле каснати од улични кучиња и кои потоа тужеле на суд и добиле надомест на штета. Во октомври, минатата година повеќе од 300 граѓани побарале да бидат вакцинирани на Инфективната клиника. А причината била каснување. Во главниот град честа е појавата на напад на кучиња скитници. Дневно во просек во Скопје се уловуваат од 120 до 170 кучиња скитници, дел од нив повторно се враќаат на улица, дел се евтанизираат, а дел завршуваат во домовите на скопјани. Кучињата што и по две недели нема никој да ги удоми, се враќаат на местото од каде што се уловени.

Од ЈП Комунална хигиена велат дека откако граѓанин ќе пријави кај нив дека е каснат од куче скитник, службите веднаш излегуваат на терен за да го најдат кучето и да проверат дали има беснило.

За каснувањето, граѓанинот може да бара отштета која ЈП „Комунална хигиена” и Градот Скопје солидарно ја делат.Доколку случајот дојде на суд, практиката покажува дека граѓанинот за претрпени физички болки може да добие отштета од 35.000 денари, за претрпен страв 30.000 денари, за претрпени душевни болки поради намалена животна активност износ од 20.000 денари и за нагрденост износ од 5.000 денари или вкупен износ од 90.000 денари.