Подгответе го вашето возило за зимскиот период: Не оставајте на случајност, казните се големи!

126

Често слушаме дека од 15 ноември до 15 март на сила е прописот за задолжително поседување на пропишана зимска опрема, со што граѓаните кои го управуваат воланот се соочуваат со сериозни казни, ако не се придржуваат до прописите.

Токму во овој текст ќе ви презентираме што сè треба да поседувате од опрема, според Законот за безбедоност на сообраќајот на патиштата.

Една од најголемите дилеми е дали е потребно да имате ланци доколку поседувате зимски пневматици, поради што го цитираме и Правилникот за задолжителна опрема, каде што во член 11 се опишува зимската опрема. Оттука, зимските пневматици со длабочина на шарата подлабока од четири односно шест милиметри (зависно од масата на возилото) се доволни како зимска опрема во автомобилите, а ланци според овие правни акти се потребни само кај возилата кои користат летни гуми.

Возачите кои не ги почитуваат насоките за користење на зимската опрема се соочуваат со глоба од 45 евра во денарска противвредност и 25 негативни бодови во возачката книшка.

Член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вели: Моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.

Полицискиот службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема согласно ставот (1) на овој член.

Полицискиот службеник може да нареди возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.

Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови согласно со одредбите од овој закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.

Членот 11 од Правилнкот за задолжителна опрема во возилото го пропишува следното:

Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбира:

  • зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од четири милиметри.
  • пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири милиметри ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Како зимска опрема за моторни возилата со погона на четири тркала (4 х 4) се подразбира:

  • зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од шест милиметри.
  • пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири mm. ако возилото во приборот има синџири за снег и во случајот кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса којашто надминува 3.500 килограми се подразбира:

  • зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, од шест милиметри.
  • пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
  • автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и – прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака:
MS, M+S, M&S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Во согласност со овој правилник, во патниот сообраќај на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.