Ако си фер кон клиентот, утре ќе ти донесе друг клиент. Битен ни е квалитетот и клиентите да се задоволни.
БИ: Каква компанија е Авионет, со што се занимава?
Авионет е туристичка агенција основана во 2008 година. Претежно се занимаваме со продажба на авионски карти и соработка со други туристички агенции за продажба на авиобилети преку Авионет. Работиме и продажба на туристички аранжмани на германски туроператори Томас Кук (Thomas Cook) и Некерман Рајзен (Neckermann Reisen). Меѓу другото, се занимаваме и со стандардни туристички дејности, како осигурување, рент-а-кар, хотелско сместување, аранжмани од други туристички агенции во Македонија. Но, главна дејност ни е субагентура, значи работиме со други туристички агенции и им нудиме деловна и техничка можност за издавање на авионски карти. Тоа засега ни е примарно.
Кај нас се продаваат авиобилети од сите авиокомпании што се присутни во BSP Македонија. Порано билетите се издаваа на хартија, а со доаѓањето на електронскиот билет, се појави и BSP IATA во Македонија и со тоа се овозможи централизирано продавање на авионски карти.
БИ: Што смени доаѓањето на BSP во Македонија?
Предноста на BSP (Billing and Settlement Plan) е што им се олеснува патувањето на патниците, се олеснува работата на агенциите, се работи само со еден правен субјект и намалено е нивото на ризик. Од 300 агенции во Македонија, помалку од 100 се членки на BSP, останатите се снаоѓаат како знаат за да продаваат карти. Откако се појави BSP во 2008 година, Авионет дојде на идеја да им понуди соработка на агенциите да можат преку нас да работат како да се во BSP. Ние им овозможуваме технички терминал преку кој ги пребаруваат и резервираат билетите. Секогаш кога започнуваме соработка со некоја агенција, им нудиме палета на опции. Ако агенцијата има обучен кадар за работа во резервациски систем, тогаш сами ја сносат одговорноста на сработеното.
Доколку вработените во таа агенција не се обучени за издавање на електронски билет, затоа што сепак за да издаде електронски билет треба претходно да се поминат IATA обука, Амадеус курс, курс за електронски билети, тогаш ние им нудиме можност за резервации преку нашата веб страница. Откако ќе направат резервација, имаат можност сами да го издадат билетот или ние да им го издадеме. Последнава година развивавме софтверски систем каде што нудиме можност на агенциите што направиле резервации преку веб страницата, сами да ја издадат, откако ќе склучат договор со нас. Разликата во двата системи е што во вториот не може да се прават промени, не може да прави рефундација. Третата опција е им нудиме на агенциите по телефон да ни побараат ние да направиме резервација, односно ние да го опслужиме целосно клиентот.
БИ: Кои се предностите на резервацискиот систем на Авионет?
Авионет од самиот почеток имаше идеја за веб страница каде што ќе може да се пребаруваат авио билети со цени кои произлегуваат од македонскиот BSP пазар. Во соработка со Амадеус резервацискиот систем, кои ни го дадоа техничкото решение, создадовме веб страница каде во реално време може да се пребара цена за било која компанија, дестинација или појдовна точка во светот, да може да се направи резервација или да се купи. Цените на сајтот се транспарентни, без скриени трошоци. Резултатите се сортирани по најниска цена и покажува колку слободни места има за таа цена. Активирано е да ги прикажува цените за економска класа, но има опција да се избере и бизнис класа. Ги пишува сите авиокомпании што ги оперираат летовите. При одбирање на лет можат да се видат сите правила на авиокомпаниите за летот. Во иднина планираме да го активираме и делот за пребарување на рент-а-кар и хотели, да можат клиентите во склоп на авионската карта да си резервираат и рент-а-кар и хотелско сместување и сето тоа да се направи со едно плаќање. Истовремено овој веб сајт е алатка за сите што купуваат авиобилети на македонскиот пазар, да ги проверуваат цените што го добиваат дали се реални, затоа што некогаш плаќаат поскапо од тоа што во моментот е слободно да се купи. Нас ни е најважна транспарентноста. Секогаш работиме фер, еснафски. Ако си фер кон клиентот, утре ќе ти донесе друг клиент. Битен ни е квалитетот и клиентите да се задоволни.
БИ: На какви проблеми најчесто наидувате во работењето?
Дефинитивно најголем проблем ни е наплата на побарувања, иако во скоро време ја корегиравме таа политика, се поредовни се плаќачите, ние станавме построги. Но, нашата цел не е да се казнуваат агенциите, туку да ја стабилизираат работната навика во однос на наплатата. Свесни сме дека на повеќето фирми и институции повеќе им одговара да купат карти со одложено плаќање, но ние сме обврзани со кратки рокови со BSP. Затоа воведовме договори со извршна клаузула, каде што нотарскиот трошок е минимален.
БИ: Кои далечни дестинации се интересни за Македонците?
Работиме со германски тур-оператори, Некерман и Томас Кук, едни од најголемите тур – оператори во Европа. Тие се фокусирани на далечни патувања, односно ексклузивни одмори на далечни дестинации во подобри хотели со пет ѕвезди all inclusive. Специјализирани се за аранжманско патување со чартер летови, но примарни им се далечните патувања. За кај нас од нивната понуда најинтересни се Доминиканска Република, Куба, Сејшели, Тајланд… Гарантиран е квалитетот, тоа што ќе го видите во нивниот каталог, тоа ќе го добиете.
БИ: Што планирате во блиска иднина, некакво проширување на мрежата?
Во иднина планираме да се развиеме информатичко – технолошки, за да можат агенциите да ги продаваат своите услуги преку интернет, а ние да се појавиме како агенција која технички ќе им го овозможи тоа, со нашето претходно познавање и со хостирање, креирање на веб страни, обезбедување соодветни букинг системи. На тој начин сакаме да спроведеме модернизација на туристичките агенции во Македонија.
Соработуваме со околу 20 туристички агенции, од кои повеќето се со нас од 2008 година. Веќе започнавме поактивно да настапуваме на пазарот во Македонија, контактираме со агенции што се заинтересирани за соработка, им презентиравме што е идејата. Целта ни е да направиме голема мрежа од македонски туристички агенции, на кои ќе им дадеме можност да воспоставиме сериозни партнерски односи. Тука сме да ги едуцираме, да им ги пренесеме нашите искуства и технички да ги надградиме.