Растот на потрошувачките цени во Турција во јануари достигна 48,69 отсто – најмногу од 2002 година

35

Растот на потрошувачките цени во Турција во јануари достигна 48,69 отсто, што е највисоко од април 2002 година, како последица на слабеењето на турската лира минатата година, покажуваат официјалните податоци објавени денеска.

Инфлацијата во декември изнесува 36,08 отсто.

Инфлацијата стана горлив проблем во Турција на помалку од 18 месеци од следните претседателски избори, бидејќи опозицијата и некои турски и странски економисти го обвинуваат Националното биро за статистика (Туик) дека покажува драстично помала инфлација.

Таа оценка дополнително беше засилена со минатонеделната одлука на претседателот Реџеп Тајип Ердоган да го смени директорот на Заводот за статистика, што е петта смена на таа позиција од 2019 година.

Ердоган, кој е обвинет дека го поттикнал растот на цените, принудувајќи ја турската централна банка речиси систематски да ги намалува каматните стапки во последните месеци, во јануари вети дека ќе ја намали инфлацијата на едноцифрена што е можно поскоро.

Спротивно на класичните економски теории, турскиот претседател смета дека високите каматни стапки ја стимулираат инфлацијата.

Сепак, нејзината монетарна политика и недостатокот на независност на централната банка само го забрзаа падот на вредноста на националната валута, која загуби 44 отсто во однос на доларот во 2021 година, и доведе до огромен пораст на цените.

Турците ќе мора да го „носат товарот“ на инфлацијата уште некое време, предупреди во понеделникот Ердоган, но додаде дека „со Божја помош“, Турција ќе влезе во период во кој секој месец ќе биде подобар од претходниот.