Ретки минерали, електрични возила и коњак: Кина и ЕУ пред компромис

Кина е подготвена да го интензивира процесот на разгледување и овластување на испораките на ретки метали за компании од Европската Унија, објави  кинеското Министерство за трговија.

Во соопштението се вели дека до 5 јули Пекинг ќе донесе пресуда во врска со тарифите за внесување на алкохолни пијалаци од ЕУ.

Во исто време, дојдени се до завршна фаза и советувањата околу цените на електричните возила произведени во Кина кои се продаваат на европскиот пазар, но за постигнување на спогодба се неопходни дополнителни напори.

За овие теми во вторникот во Париз разговарале кинескиот министер за трговија Ванг Вентао и еврокомесарот за трговија Марош Шефчович.

Во април Кина го запре извозот на широк спектар ретки минерали кои се клучни за автомобилската, авионската и полупроводничката индустрија, како и за воената индустрија.

Кина и Франција се согласија економските и трговските спорови да ги решаваат преку дијалог и консултации, соопшти кинеското МНР по разговорите меѓу министрите за надворешни работи на двете земји.

Овие денови се интензивирани и разговорите за увозот на француски коњак – прашање што ги влоши односите, откако Кина воведе антидампинг-мерки со царини до 39 отсто на увозот на алкохол од ЕУ, при што францускиот коњак беше најпогоден.

Мерките уследија по одлуката на ЕУ да воведе заштитни мерки за европската автомобилска индустрија против увоз на кинески електрични возила.

Одлуката за судбината на овие кинески царини неколкупати беше одложена – прво требаше да се донесе до јануари, потоа до април, а сега до 5 јули.