Саудиска Арабија е прва земја во светот што додели државјанство на робот

49

sophia_square

Фото: Hanson Robotics

Саудиска Арабија официјално призна хуманоиден робот како жител на земјата, со што стана прва држава во светот што дава таков статус на уред со вештачка интелигенција, пишува Dezeen.

За време на панел дискусија, во рамки на конференцијата Future Investment Initiative, што се одржа во Саудиска Арабија, на сцената се појави овој робот со човечки лик. Роботот Софија одговараше на прашања поставени од водителот од CNBS и се заблагодари за тоа што добила државјанство. Ова е прв пат на робот да му биде дадено право да се нарече државјанин на една држава. Сепак, не беа откриени детали околу тоа какво државјанство ќе има Софија и тоа дали ќе ги добие истите права како и луѓето.

За време на интервјуто, таа рече дека сака да живее и да работи со луѓе, да изгради доверба и да ѝ биде дадена можност да ги покаже своите емоции. Дизајнирана е од страна на компанијата Hanson Robotics, чиј основач е Дејвид Хансон, а нејзината вештачка интелигенција е базирана на три човечки карактеристики – креативност, емпатија и сочувство.

Како инспирација за ликот на Софија била земена актерката Одри Хепберн. Со цел да изгледа што повеќе како човек, таа умее преку лицето да покаже различни емоции, а нејзините очи менуваат бои во зависност од светлината.