ЕОЅ Матрих е регионално име кое Групацијата ЕОЅ од Хамбург, Германија, го користи за именување на своите компании во Југоисточна Европа. Групацијата ЕОЅ е најголемиот финансиски сервис во светот кој во основата на својот бизнис модел го има сервисот “Откуп на долг”, а покрај финансирањето во долгови, работи и наплата на долгови во име и за сметка на своите клиенти и управување со кредитни информации.
БИ: Работите со приватни долгови на физички лица или само со компании?
ЕОЅ е интернационална платформа за наплата на долгови. Низ таа платформа можат да се наплаќаат како долгови на физички лица така и долгови на компании, при што наплатата може да се извршува во Република Македонија, но и било каде во светот каде македонска компанија има потреба за наплата на своите долгови.
БИ: Колку во Македонија компаниите се определуваат за овој начин на наплата на долговите?
Сега за сега сеуште не доволно. ЕОЅ служи како финансиски сервис на преку 100 компании во Македонија примарно во делот на наплата на потрошувачки долгови – долгови на физички лица. Во овој сегмент над 90 % од долговите се отстапуваат за наплата на професионални услуги, а тоа е сосема во склад со светските трендови. Кога се работи за наплата на побарувања помеѓу две правни лица, тогаш ситуацијата е драматично различна. Помалку од 10 % од македонските компании ангажираат професионален сервис за наплата на своите побарувања од деловните партнери. Тој процент е многу понизок од било која статистика за оваа тема направена било каде во светот. Ние активно работиме на промоција на нашите услуги во овој сегмент, а особено во делот на интернационална наплата на побарувања каде платформата на ЕОЅ може значително да помогне во унапредувањето на извозните политики на македонските компании.
БИ: Кои услуги најчесто ги пружате?
ЕОЅ Матрих Македонија го следи бизнис моделот на својата компанија мајка, Групацијата ЕОЅ и на македонскиот пазар примарно се позиционира како финансиски сервис за откуп на долгови, а истовремено и ефикасна платформа за наплата на побарувања и долгови во име и за сметка на своите клиенти.
БИ: Како изгледа еден процес на наплата? Има ли временска рамка за колку време може да се заврши?
Платформата на ЕОЅ Матрих може да поддржи било каков процес на наплата. Како ќе се дизајнираат постапките за наплата зависи од клиентот, неговите финансиски потреби и неговата деловна политика. При дизајнирање на било каква постапка за наплата, најважно е да се создадат услови за активна комуникација помеѓу кредиторот и должникот. Разбирањето на причината која што довела до задоцнување во плаќањето е основата на која треба да се изгради моделот, односно договорот за наплата. Постапката во многу зависи и од постоењето или непостоењето на обезбедување за даденото побарување. Распонот на средства кои може да се применат во постапката за наплата оди од е-маил порака или телефонски контакт, до извршна постапка со попис и пленидба на имот на должникот. Каде постапката ќе се запре и ќе доведе до наплата зависи еднакво од активноста на кредиторот и моралната доблест на должникот. Во нашата професија постои поговорка “не постои толку лош должник колку што постои неактивен доверител”. Ако доверителот реши да чека една година за да започне постапка за комуникација и наплата на своето побарување тогаш веројатноста дека ќе се наплати е многу мала. Ако ја започне постапката првиот ден после денот кога побарувањето требало да биде платено, веројатноста дека побарувањето ќе се наплати е поголема од 99 %. Ако имате рок за плаќање на фактура до 15 дена, веќе 16-тиот ден треба да започнете постапка за наплата на вашето побарување. Секој ден чекање ја намалува веројатноста дека ќе се наплатите.
БИ: Има ли сличности во начинот на кој се одвива и времетрањето на процесот на наплата во земјите во регионот? Каде наплатата е најпроблематична?
Колку и да изгледаме блиску или сродно, правните системи на државите во регионот се комплетно различни. Тука ќе најдете се, од прагматично германски до романтично – популистички систем во кој поголем срам е да бидеш кредитор отколку самиот да должиш пари!
Постои директна врска помеѓу вредносниот систем на една држава и можноста за наплата на побарувањата. Доколку законодавството на една држава го штити и промовира моралниот хазард на општеството за дневно популистички цели и е наместено со сите сили да ги штити правата на должниците – на пример Србија, тогаш постапката за наплата на побарувања е долготрајна, макотрпна и генерално не носи резултат. Еве еден пример: Банките во Србија дури и кога имаат побарување обезбедено со хипотека, не можат да ја реализираат хипотеката затоа што должникот се стекнал со станарско право. Судот дава првенство на станарското право – над правото на кредиторот и така ќе си го добиете станот во сопственост, но нема да го добиете во владение, оти никој не може да го исели должникот. Далеку од ум е дека со стекнато и признаено станарско право некој ќе сака да го купи за да банката си го наплати побарувањето. Замислете како ќе наплатите необезбедено побарување во држава во која секој документ се заверува во Општински суд, не постои нотаријат, а извршители се воведоа пред шест месеци во постапка која е пет пати поскапа од самото побарување. Врв на романтично – популистичка политика имавме во Грција каде Пасок во предизборната кампања пред 3 – 4 години изјавуваше дека “ќе се ревидираат обврските кон банките” и дека наплата на побарувањата е непосакувана дејност. Нормално, луѓето следниот ден престанаа да ги плаќаат обврските во очекување на големите промени кои никогаш не се случија, но остана фактот дека сите банки отидоа во неликвидност и неспособност да си ги наплатат побарувањата што по дефиниција води кон распад на финансискиот систем. Во Грција и ден – денес имате право само на еден контакт со должникот месечно и нормално, никој никому не плаќа. Од друга страна, во регионалната компарација ја имаме и Хрватска, која преку новиот закон за финансиска дисциплина (Линиќев Закон – именуван по Министерот за финансии кој го предложил законот), јасно кажува дека тоа општество нема да толерира морален хазард, измами и долгови. Со законот се воведува постапка во која, доколку паднете во задоцнување со плаќање на своите обврски, ви следи административна казна по сила на законот, која е над и надвор од затезната камата. Доверителот има право на казната без разлика дали ќе ја бара, судот секогаш ќе му ја досуди. Максимален рок за плаќање на необезбедено побарување е 30 дена, а на обезбедено 60 дена, а државните институции мораат да плаќаат во рок не подолг од 45 дена. Со секое прекршување на овие одредби може да се покрене пред – стечајна постапка (за државни органи – одговорност на носителот на функцијата). Замислете 31-виот ден можете да покренете пред – стечајна постапка и блокирање на сите сметки на вашиот должник.
БИ: Кои се вашите најголеми клиенти во Македонија, кои во странство?
Наши најголеми клиенти се најголемите банки и телекомуникациски компании, како во Македонија, така и во светот. Тоа е сосема нормално ако се има предвид дека поголем проблем е бројот на долгови отколку износот на самите долгови. Многу е поедноставна постапката да наплатите десет побарувања од по еден милион евра, отколку да наплатите еден милион побарувања од по 10 евра. Во вториот случај постапката за наплата на секое од побарувањата може да биде поскапа од самото побарување. Тогаш ефикасното водење на постапка за наплата е од суштинско значење.
БИ: Дали има компании од странство што имале побарувања од македонски компании?
Секако, ги има од меѓународни осигурителни и факторинг куќи кои осигурале побарување на свои компании во Македонија, деловни партнерства на големи светски брендови со македонски компании, до паркинг служби на странски земји кои имаат побарувања од наши граѓани кои направиле паркинг прекршок во дадената земја што е документирано со видео запис на автомобилот и регистарската табличка.
БИ: Кои се вашите предности пред конкуренцијата, не само во Македонија, туку и во регионот?
ЕОЅ е најефикасната платформа за наплата на побарувања во Македонија, регионот и светот. Ние можеме да спроведеме било каква постапка за наплата која клиентот сака да ја спроведе. Вон – судските постапки ги спроведуваме сами, а судските и извршните во соработка со широка мрежа на адвокатски, нотарски и извршни канцеларии во Македонија и регионот. Само како показател, во регионот на Југоисточна Европа имаме повеќе од 1.000 адвокатски, нотарски и извршни канцеларии со кои соработуваме.
БИ: Одржувате обуки и советувања. За што поточно станува збор?
Главен проблем на наплатата на побарувањата е однесувањето на кредиторот, а не однесувањето на должникот. Доколку кредиторот ги преземе сите постапки за проверка на бонитетот на своите партнери, обезбеди едноставни гаранции за наплата на побарувањата и има свест дека не смее да чека една година за да започне постапка за наплата, тогаш наплатата на побарувања е многу ефикасна, а ненаплатливоста станува поднослива категорија која лесно се мери и анулира низ ценовната политика. Ние сме светски бренд и општествено одговорна компанија. Ние сакаме да функционираме во високо – свесно, морално и правно уредено општество и сакаме да дадеме активен придонес за подобрување на условите за живот во тоа општество. Од таа перспектива, најсоодветен придонес кој ние можеме да го дадеме е нашето знаење, кое бесплатно и несебично го донираме во различни програми за обука и спонзорства на едукативни концепти поврзани со наплата на побарувањата и/ или правата и обрските на должниците во постапката за да се зачува интегритетот на должникот во таа постапка.
БИ: Планирате да воведете нови услуги во скора иднина?
Групацијата ЕОЅ има јасно дефиниран бизнис модел и ние не можеме да отстапуваме од него. Една од услугите кои Групацијата ЕОЅ ги нуди во светот, е услугата на кредитни бироа или информациски системи за управување со кредитни ризици. Во Македонија денес не постои либерализиран пазар на кредитни информации кој нуди деловна перспектива дека инвестирањето во такви услуги може да се води како профитабилен бизнис и од таа перспектива, без најава за либерализација на тој пазар, јас во следните три години не гледам можност за воведување на оваа услуга во Македонија. Но, ЕОЅ останува посветен на инвестирањето во регионот на Југоисточна Европа во делот на откуп на спорни и ризичини пласмани поврзани со потрошувачки долгови (долгови од физички лица) со буџет од над 100 милиони евра. Дали дел од тие пари ќе биде инвестиран и во Македонија, зависи од можноста за откуп на портфолија кои ќе обезбедат профитабилност за локалната компанија како основа за преземање на долговите и ризиците за наплата на тие побарувања.