![money-laundering-7782671_640](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/02/money-laundering-7782671_640.jpg)
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека има намера да воведе царини за увоз на автомобили некаде околу 2 април, што е најновото во серијата такси за странска стока, пренесоа агенциите.
Американскиот лидер не прецизираше дали сите автомобили ќе спаѓаат во опсегот на мерката или само оние од одредени земји.
Запрашан да коментира кога ќе стапи на сила, тој одговори: „Можеби некаде околу 2 април. Мислев да биде на 1-ви. Но, ќе го направиме тоа на 2 април“.
Откако ја презеде функцијата на 20 јануари, Трамп презеде низа трговски мерки против голем број земји, без разлика дали се сојузници или противници на САД.
Тој воведе царини од 10 отсто за целиот увоз од Кина, покрај постојните, објави 25 отсто одложени царини за Мексико и Канада и го одреди 12 март како датум за стапување во сила на царините од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум.
Исто така, во четвртокот му наложи на својот економски тим да развие реципрочни царини за секоја земја што ги оданочува американските стоки.