Високо одликување од Италија за Светозар Јаневски на Денот на лозарите и винарите Св. Трифун

Во рамки на годинешното одбележување на Свети Трифун  – празникот на лозарите и винарите, амбасадорот на Италија, неговата екселенција Паоло Палминтери, му го додели на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски орденот „Витез на редот на ѕвездата на Италија“. Ова значајно одликување, востановено во 2011 година, им се доделува на заслужни личности од светот кои со своето залагање и делување дале особен придонес во развојот и промовирањето на односите на пријателство, културна и економска соработка меѓу нивните земји и Италија.

„Соработката со господинот Светозар Јаневски е многу важна за Италија и за Амбасадата, не само поради неговата постојана поддршка на нашите културни настани, туку и затоа што со години господин Јаневски има клучна улога во развојот на економската соработка меѓу Италија и Северна Македонија, особено во винскиот сектор“, истакна амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери.

Заблагодарувајќи се на укажаната чест со добивањето на ова исклучително одликување, претседателот на УО на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски изјави: „Би сакал да ја споделам заслугата за добивањето на овој орден со оние што постојано се со мене и ми даваат огромна поддршка во сѐ што работам, а тоа е моето семејство, моите соработници и сите вработени во ,Тиквеш’. Ова одликување е верификација на сите наши досегашни напори за развој на домашната винска индустрија, за што огромно влијание има соработката и поддршката што ја добиваме од Италија, во форма на технологија, современа опрема, напредно знаење и експертиза од областа на лозарството и винската индустрија, за што оваа земја е една од водечките во светот. Значаен дел од оваа соработката беше и двегодишниот проект ‘Alimentare, Ambiente, Agricultura’ што го реализираа М6 Едукативен Центар и Амбасадата на Италија и што постигна значителни резултати на кои сум особено горд“, истакна Јаневски и додаде: „Нека ова одликување биде дополнителен поттик и пример за останатите во изнаоѓање начини како уште повеќе да ги приближиме нашите две земји и пријателски народи и да изнајдеме нови можности за соработка во економијата и останатите општествени области“.

Инаку, винарската визба „Тиквеш“ годинава го одбележува празникот на лозарите и винарите, Свети Трифун, во знакот на исклучителен јубилеј – 140 години од своето постоење. На свечениот чин на закројување на лозјата во Лепово, во присуство на претставници на дипломатскиот кор институциите, лозари и соработници, беше нагласено дека „Тиквеш“ не само што останува посветен на традицијата, туку и е пионер во воведувањето на современите стандарди и имплементацијата на напредни, одржливи практики кои треба да ја трансформираат домашната винска индустрија и да помогнат во нејзината подобра промоција на глобално ниво.

Покрај посветеноста на одржливото производство, „Тиквеш“ ја зајакнува и соработката со лозарите, со значително зголемување на бројот на кооперанти со кои винарницата заеднички ги воспоставува напредните стандарди за производство на грозје. Преку заедничка работа и примена на агротехнички мерки, компанијата активно придонесува за унапредување на квалитетот на грозјето, што се рефлектира во производството на вина со врвен квалитет.