Во ЕУ се рециклира над 70% амбалажен отпад, во Македонија не повеќе од 18%

184
pakomak 1
Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак

Во дел од земјите на ЕУ процентот на рециклирање на амбалажниот отпад е над 70% од вкупно создадениот! По наши проценки, во Македонија се рециклираат не повеќе од 18% од вкупниот амбалажен отпад. 

БИ: Пакомак е компанија која се занимава со селекција и преработка на отпад од амбалажа. Што точно значи тоа, каков отпад собирате и преработувате?

Пакомак е компанија која е основана од единаесет големи македонски производни компани, но во која до денес членуваат над 610 големи, средни и мали производни и трговски компании од сите индустрии. Наша задача е градење мрежа од партнерски компании со кои одделно го собираме амбалажниот отпад и се грижиме истиот да заврши на рециклирање, а не на некоја депонија. Наша главна цел е документирано собирање на амбалажниот отпад, односно картон, пластични шишиња и фолија, лименки, конзерви, палети и стаклена амбалажа. Пакомак настојува ефикасно да управува со текот на овој отпад, од моментот на негово создавање по консумација на производите кои се спакувани во одредена амбалажа, па се до моментот на повторна употреба на таа амбалажа како суровина во некој процес на рециклирање. Тоа го правиме заедно со општините, комуналните претпријатија и приватните компании кои се занимаваат со собирање, селекција и рециклирање на овој отпад.

pakomak 4БИ: Што се случува понатаму со отпадот што го собирате?

Овој амбалажен отпад оди на т.н секундарна селекција каде се дели по тип, боја, и квалитет. Потоа се транспортира до некој преработувачки капацитет во земјава или во странство каде повторно се употребува како влезна суровина т.е. се рециклира и враќа во употреба во форма на некој нов производ. Од картонската амбалажа се добива повторно картон, од ПЕТ шишињата се добива полиестерско влакно кое се користи во текстилната индустрија, индустријата за мебел и друго, а од пластиката се добива повторно пластична амбалажа.

БИ: Имате ли бројка колку тони отпад годишно создаваат компаниите во Македонија? Колкав процент од него се рециклира?

Според одредени проценки кои се правени од страна на нашето Министерсво за животна средина, во Македонија се генерирал цца. 106.000 тони амбалажен отпад во 2012 година. Тоа е некаде околу 50 кг по жител, но во ЕУ земјите каде имаат повеќегодишно искуство и мерења во оваа проблематика, просекот е над 70 кг по жител. Во најразвиените земји кои се високо потрошувачко ориентирани, овој просек оди и до 200 кг по жител!

Во дел од земјите на ЕУ процентот на рециклирање на амбалажниот отпад е над 70% од вкупно создадениот! По наши проценки, во Македонија се рециклираат не повеќе од 18% од вкупниот амбалажен отпад.

БИ: Кои компании се Ваши клиенти? Колкав е нивниот удел во вкупниот отпад во Македонија?

Наши клиенти се компании од сите индустрии и тие ги финансираат сите наши активности. Во 2012, нашите членови со продажба на нивните производи пуштија на пазарот во земјава над 40.000 тони амбалажа во кои производите беа спакувани. Во моментов Пакомак е убедливо најголем колективен постапувач во Македонија.

Predavanja vo gradinki 4

БИ: Какви опции имаат компаниите во справувањето со отпадот од амбалажата? Дали Пакомак е единствена компанија во Македонија која се занимава со откуп и преработка на отпад?

Освен членување во колективен постапувач како Пакомак, компаниите може да се регистрираат и како самостојни постапувачи. Тоа значи дека сами ќе организираат систем за собирање на амбалажниот отпад од нивните производи, по консумација на истите од страна на нивните купувачи. Исто така, имаат можност согласно законот, да платат кон буџетот на Р. Македонија, дефиниран надоместок по тон амбалажен отпад. И двете опции се прескапи за компаниите и најчесто тие се решаваат оваа своја обврска да ја доделат на некои од постојните четири колективни постапувачи.

БИ: Во светот веќе има примери од пластична амбалажа да се произведува нафта. Што мислите за ова, дали би можело да профункционира и во Македонија?

Оваа технологија е се уште нова и финансиски скапа опција за Македонија. Според нас, преработката на пластиката во нов производ се уште е полесен, помасовен и поевтин начин на рециклирање.

БИ: Сметате ли дека во Македонија треба да се воведе системот на граѓаните да им се враќаат пари од пластичната амбалажа, како што е на пример во Хрватска? Колку овој систем би придонел за зачувување на животната средина и развивање на еколошката свест кај граѓаните?

kontejneriХрватска не е добар пример за справување со амбалажниот отпад. Моделот на враќање пари за пластично шише има неколку недостатоци. Прво, се фокусира само на шишиња, занемарувајќи ги останатите амбалажи како што се хартијата, пластичните фолии, лименките… Второ, тоа е прескапо и би значело покачување најмалку за 2 или 5 денари на секој производ спакуван во шише бидејќи тие пари кои би се враќале, прво треба да се земат од граѓаните во моментот на купување! Исто така, треба да се организираат откупни места, апарати и слично, што е прескапа инвестиција во инфраструктура. За илустрација, една т.н вендинг машина за превземање на пластични шишиња чини од 7.000 до 10.000 евра! А на крај од денот, повторно некој треба да дојде и да ја испразни машината од собраните шишиња, повторно да ги оддели по боја и да ги транспортира на рециклирање. Сето тоа е прескапо и неефикасно, тако што ние се држиме до концептот за непрофитно собирање од сите граѓани на сите типови амбалажен отпад, а враќаме во заедницата преку инвестирање во комунална инфраструкура и проекти. Тоа е модел кој досега се покажал најефтин и најефикасен во речиси сите земји на ЕУ.