„Волво“ затвора фабрики поради недостаток на делови

67

„Волво“ привремено ќе ги затвори фабриките во Гетеборг, Шведска и Гент во Белгија, поради недостаток на делови важни за склопување автомобили.

„Се соочуваме со изразен недостаток на делови и затоа одлучивме да го прекинеме производството помеѓу 30 август и 3 септември“, рече портпаролката на компанијата Марија Дагман.

Таа додаде дека за време на паузата во производството, работниците можат да се вклучат во одржување на опремата или обука или да земаат слободни денови.

Автомобилската индустрија ширум светот се соочува со недостаток на делови, особено електронски компоненти.

Производителите на автомобили прво ги откажаа нарачките за чипови поради намалената побарувачка за возила поради пандемијата на Ковид-19, а во меѓувреме побарувачката за нив значително се зголеми поради порастот на продажбата на електроника за широка потрошувачка што им помогна на луѓето да работат, да се забавуваат и да учат од дома за време на пандемијата.

Ова создаде недостаток од кој страдаше автомобилската индустрија, а не помогнаа ниту трговската војна меѓу САД и Кина и прекините во синџирот на снабдување.