🎥Како ќе изгледа новото евро?

Европската централна банка (ЕЦБ) ја приведува кон крај јавната анкета преку која граѓаните на Еврозоната го искажуваат својот став за идниот изглед на евро банкнотите. Финалниот концепт треба да биде дефиниран до крајот на оваа година, а главните дилеми во моментов се водат околу две доминантни теми: европските природни убавини претставени преку птиците или, пак, истакнати личности кои го одбележале европскиот континент.

Кога еврото за првпат беше пуштено во оптек, неговите дизајнери избраа апстрактен пристап. Мотивите на банкнотите прикажуваа архитектонски стилови од различни епохи — од антиката до модерната ера — но со една важна специфичност: сите мостови и објекти беа измислени. Ова беше направено со јасна цел да се избегне национален фаворитизам, со што ниту една земја-членка немаше да се почувствува запоставена.

Овој пат, Франкфурт нуди сосем поинаков концепт. Едниот од предлозите предвидува на банкнотите да се најдат вистински историски фигури од светот на уметноста, науката и литературата

Вториот концепт, пак, го става фокусот врз природното богатство и фауната на континентот  Како еден од најпрепознатливите мотиви во оваа серија се издвојува белиот штрк на апоенот од 50 евра. На задната страна од оваа серија се предвидува да бидат прикажани клучните европски институции, меѓу кои и Европскиот парламент, Европската комисија и Судот на правдата.

Покрај естетската трансформација, од ЕЦБ нагласуваат дека новата серија на банкноти има и клучна техничка задача: подобрување на безбедносните елементи. Иако сегашните евро банкноти нудат висок степен на заштита од фалсификување, со новите технолошки стандарди нивната сигурност треба дополнително да се подигне на повисоко ниво.