
Од компанијата што ни ги донесе Duster и Bigster, доаѓа … Hipster. Најновиот концепт од брендот во сопственост на Renault целосно се откажува од заоблените форми во корист на ултра-аголна форма, со цел максимизирање на просторот во внатрешноста.
„Дачија“ на „Рено“ во понеделник го претстави својот прототип на нов електричен мини автомобил кој треба да се продава по цена помала од 15.000 евра, потенцијално нудејќи конкурентна алтернатива на евтините кинески електрични возила.
Концептот „Хипстер“, долг е само три метри и тежи помалку од 800 кг. За споредба, најкраткиот автомобил на европскиот пазар во моментов е моделот Т03 на кинескиот „Липмотор“, кој е подолг од „Хипстер“ за 62 см.
„Хипстер“ е „концептот на смелата визија на „Дачија“ за локална, прифатлива, секојдневна мобилност“, изјави извршната директорка на „Дачија“, Катрин Адт, која неодамна се приклучи на компанијата од германскиот „Мерцедес-Бенц“. „Доколку се појави можност да влезе во масовно производство, ние сме подготвени“.
Коцкестиот Хипстер има три врати, а неговата максимална брзина треба да биде околу 90 км на час, со домет од 150 км со едно полнење на батеријата. Според податоците од Дачија, сопствениците на автомобили возат во просек помалку од 40 километри дневно, со просечна брзина од 56 километри на час.
Дачија, исто така, го поедностави дизајнот на Хипстер колку што е можно повеќе, со цел да ги намали трошоците за производство: Хипстерот има седишта покриени со ткаенина, минимална количина електроника, рачни прозорци и ленти за отворање на вратите наместо рачки.