10 знаци дека сте “прегореле”

202

ckorce

Фото: Pixabay

Со продлабочување на кризата, се отпуштаат работници, а оние што остануваат работат за двајца, тројца, па и за повеќе луѓе. Последица на тоа често е хронична состојба на стрес, што доведува до намалена продуктивност. Иако не е медицински официјална дијагноза, “прегорувањето” на работа е најголем предизвик во глобалниот здравствен систем, а симптомите поврзани со стресот се очекува да се влошуваат како што расте глобалниот пазар. Бизнис инсајдер изнесува некои од симптомите на прегорување, па ако се препознаете во повеќето од нив, реагирајте на време.

Не можете да се сконцентрирате

Хроничниот физички и ментален умор може да доведе до различни когнитивни проблеми, како на пример проблеми со концентрација, задржување на внимание или помнење. Ви станува јасно дека се потешко ги извршувате обврските и не можете да го држите темпото што сте го имале.

Секогаш имате премногу работи да завршите

Дали се чувствувате дека би требало повеќе да работите? Според студија од Универзитетот во Сарагоса, типовите кои “френетично прегоруваат” се амбициозни луѓе кои ги жртвуваат своето здравје и личниот живот поради работата.

Чувствувате вина

Постојано работите, но не можете да завршите се што имате. Се чувствувате виновно што не можете да постигнете да завршите се, па затоа работите уште повеќе.

Брзо менувате расположение

Прегорувањето може да предизвика емоционална истрошеност и губење на чувството на лично достигнување, што потоа доведува до обезличување, отуѓување и депресија.

Расеани сте

Во состојба на “прегреаност”, луѓето почнуваат да чувствуваат срам поради тоа што трошат многу време на работа, па почнуваат да се изолираат. Се намалува бројот на нивните социјални интеракции, а некои луѓе едноставно губат интерес за се.

Цинични сте

Цинизмот е одбранбена реакција на чувството на загрозеност и неспособност. Кога чувствувате дека работите нема да излезат на добро, станувате цинични и се претворате во песимист.

Често се разболувате

Кога патите од хроничен стрес, имунолошкиот систем ослабува и станувате почувствителни на инфекции, настинки и други пореметувања.

Не можете да спиете

Иако сте исцрпени, не можете да заспиете. Или заспивате, но се будите често и спиете немирно. Тогаш можеби патите од несоница предизвикана од тоа што постојано мислите на работата.

Пиете повеќе од вообичаено

И пиењето е одбранбен механизам кој служи за привидно симнување на товарот што го носите. Можно е да сте “изгореле” ако почнете премногу да јадете или да конзумирате алкохол и дрога. Ваквото ослободување од стресот може да се претвори во зависност.

Немате живот надвор од канцеларијата

Се чувствувате дека не сте доволно добри, цело време мислите на работата, дури и кога не сте на работа. Ако ги запоставувате останатите аспекти од животот, го запоставувате здравјето, луѓето околу вас се жалат дека премногу работите, поради вашата работа страдаат фамилијата и пријателите, не можете да се опуштите дури ни кога не сте на работа, тогаш дефинитивно сте прегореле.