Интервју со Кирил Колемишевски, коосновач на MyCivic: Македонска идеја на три континенти за поефикасни и поотчетни општини

Во свет во кој граѓаните со еден клик можат да оценат производ или услуга, но тешко можат да влијаат врз решавањето на секојдневните проблеми во своето соседство, се раѓа идејата за MyCivic – интелигентен команден центар за градови и општини.

Зад оваа платформа стојат тројца коосновачи со македонски корени кои живеат и работат на три различни континенти – Кирил Колемишевски, Марија Кумбароска Ванбесиен и Владимир Досев, на релација Торонто, Брисел и Сиднеј. По нивното неодамнешно претставување на престижниот Smart City Expo World Congress во Барселона и актуелните преговори со општини од шест држави, разговаравме со Кирил Колемишевски, коосновач на MyCivic, за тоа како граѓанските пријави се претвораат во ефикасен менаџмент, подобро планирање на буџетите и поголема доверба кај граѓаните.

Бизнис Инфо:Во вашата лична приказна зад MyCivic поаѓате од едноставно прашање:
ако глобалните гиганти како Amazon и Google учат од повратните
информации на корисниците, зошто градовите да не ги слушаат своите
граѓани на ист начин? Како оваа филозофија се претопи од идеја во
конкретен производ – команден центар за општините и градовите?

Нè инспирираше принципот дека секоја повратна информација може да помогне да се донесе подобра одлука. Една пријава за неисправно осветлување ѝ кажува на општината каде да испрати екипа. Ако во истата населба постојано се повторуваат дефекти, градоначалникот добива причина да побара проверка на целата мрежа и да процени дали е потребна поголема инвестиција. Така информацијата од граѓанинот може да влијае и врз денешната работа на службите и врз планот за следната година.

Од таа идеја го развивме MyCivic како интелигентен команден центар за општините. На едно место се поврзуваат пријавите, надлежните служби, задачите, роковите и резултатите. Градоначалникот на неговиот мобилен телефон или лаптоп, може да види што бара итна реакција, каде е потребна координација и кои проблеми треба да се решат трајно. За граѓанинот, придобивката е едноставна. Тој може да пријави проблем, да го следи постапувањето и да види што е преземено.

Бизнис Инфо: Многу градови веќе имаат некакви форми или апликации за пријавување
проблеми од граѓаните. Во што е суштинската разлика кај MyCivic – зошто
го дефинирате како „интелигентен команден центар“, а не само како алатка
за пријави?

Суштинската разлика е во тоа што се случува откако ќе пристигне пријавата. Во MyCivic таа станува задача што се доделува на надлежна служба и се следи до завршување. Раководителот гледа кој постапува, кога истекува рокот и каде е потребна помош од друга служба. Кога работата ќе заврши, екипата може да приложи фотографија од сработеното, а граѓанинот да добие повратна информација на неговата апликација.

Го нарекуваме интелигентен команден центар затоа што градоначалникот може да ја види состојбата низ целата општина и, кога е потребно, да провери што се случува со конкретна задача или проблем. На мапа може да забележи каде се пријавени повеќе нерешени проблеми, кои дефекти се повторуваат и каде службите доцнат во исполнување на своите обврски. Тој преглед му помага да одлучи каде денес да насочи екипи, што да побара од раководителите и кои проблеми треба да влезат во програмата за инвестиции.

Бизнис Инфо: Од аспект на економијата и менаџментот, општините и јавните
претпријатија често се соочуваат со ограничени буџети и бавни процедури.
Како MyCivic им помага на градоначалниците попрецизно да ги планираат
трошоците и да ги намалат загубите од повторливи интервенции?

Да речеме дека јавното претпријатие неколкупати поправа дефект на ист дел од водоводната мрежа. Со MyCivic општината може да ја види историјата на интервенциите, колку често се враќал дефектот и кои служби биле ангажирани. Ако ги поврзе тие информации со сопствените податоци за работни часови, материјали и трошоци, може да ја спореди цената на повторените поправки со цената на замена на проблематичниот дел. Градоначалникот така добива конкретна основа за буџетска одлука за планирање на финансиите.

Подобра организација е можна и кај дневните задачи. Ако пет граѓани пријават ист дефект, службата може да ги поврзе пријавите и да организира една интервенција. Општината потоа може да измери колку често екипите се враќаат на истата локација и колку време е потребно проблемот да се реши. Дури и со ист буџет, појасниот преглед може да ѝ помогне да ги насочи луѓето и опремата таму каде што се најпотребни.

Бизнис Инфо: Кој е најголемиот предизвик при дигитализацијата на општинските служби
– технологијата или промената на навиките и воспоставувањето јасна
одговорност кај вработените и јавните претпријатија?

Најголемиот предизвик е промената на начинот на работа. Ако граѓанин пријави оштетена шахта по реконструкција на улица, можеби ќе треба да постапат и општината и јавното претпријатие. Уште пред да стигне таква пријава, треба да биде јасно кој ја презема задачата, кој ја координира работата и кој го известува граѓанинот. Градоначалникот и раководителите имаат важна улога во тоа тие правила да се договорат и да се применуваат секој ден.

MyCivic ги прави зададените одговорности видливи во секојдневната работа. Екипите гледаат кои задачи им се доделени и што има приоритет. Раководителите можат навреме да видат дали екипата има премногу задачи или чека да постапи друга служба. Градоначалникот добива преглед каде таквите застои се повторуваат и може да одлучи што треба да се промени во организацијата. За граѓанинот, тоа значи појасен одговор и помалку препраќање од една служба до друга.

Бизнис Инфо: Тимот на MyCivic функционира на релација Торонто, Брисел и Сиднеј, со
цел да ги поврзе граѓанските пријави со реалната работа на општинските
служби. Колку живеењето и работењето во три различни системи и
континенти ви помогна да ја дефинирате вистинската потреба на
градоначалниците и да создадете решение што функционира универзално, без
оглед на големината или локацијата на општината?

Животот и работата во Торонто, Брисел и Сиднеј ни помогнаа да видиме дека градовите можат да бидат различно организирани, а нивните раководства да имаат слични потреби. Секој градоначалник сака навреме да знае што се случува на терен, која служба постапува и каде е потребна негова одлука. Тоа ни помогна да го градиме MyCivic околу потребите што општините ги делат, со простор секоја да го приспособи системот на своите надлежности и начин на работа.

Во помала општина, првата задача може да биде подобро да се распоредат неколку екипи што покриваат повеќе населени места. Во поголем град, приоритет може да биде координацијата меѓу повеќе сектори и јавни претпријатија, особено кога нивните задачи се поврзани. Во двата случаи раководството добива преглед што му помага да ги насочи ресурсите таму каде што се најпотребни, а граѓанинот добива јасен начин да комуницира со општината.

Бизнис Инфо: Неодамна се претставивте на Smart City Expo World Congress во
Барселона. Какви се впечатоците од светската сцена – каде се наоѓаат
глобалните трендови за „паметни градови“ денес и како реагираа
меѓународните претставници на вашето решение?

Од Барселона се вратив со впечаток дека градовите сè повеќе ја оценуваат технологијата според тоа што можат да направат со неа. Податоците, вештачката интелигенција и поврзувањето на постојните системи имаат вредност кога ѝ помагаат на општината порано да забележи проблем, побрзо да ги координира службите или подобро да одлучи каде да инвестира. Тоа е и насоката во која го развиваме MyCivic. Сакаме еден градоначалник да може да ги користи податоците од терен и за дневните одлуки и за планирањето на градот.

На сцената GovTech & Inclusive Communities покажавме како информацијата од една граѓанска пријава може да стигне до надлежната служба и да стане дел од прегледот на општинското раководство. Настапот ни овозможи да разговараме со меѓународни претставници за тоа како ваквиот пристап би се вклопил во градови со различна големина и организација. За нас беше посебна гордост што на таа сцена претставивме решение создадено од тројца Македонци што живеат на три континенти.

Бизнис Инфо: Наведовте дека сте во преговори со општини од шест држави на три
континенти (Македонија, Србија, Косово, Белгија, Канада и Австралија).
Колку се разликуваат потребите и очекувањата на една општина на Балканот
во споредба со општините во Западна Европа, Канада или Австралија?

Во преговорите со општини од Македонија, Србија, Косово, Белгија, Канада и Австралија тргнуваме од тоа како секоја општина работи денес. За општина што прима пријави по телефон, по е-пошта и на шалтер, голема придобивка може да биде тоа што службите ќе добијат заеднички преглед на сите задачи. Кај општина со веќе развиен систем за пријавување, поголема вредност може да има поврзувањето со постојните системи, следењето на роковите и користењето на историјата на интервенциите за планирање на инвестициите.

Разлики има и меѓу општини во иста земја. Една можеби треба да распореди мал број екипи на голема територија, а друга да усогласи повеќе служби што работат во густо населено подрачје. Затоа почнуваме од одлуките што раководството сака да ги носи побрзо или со подобри информации. На граѓаните, пак, насекаде им е важно да знаат дали пријавата стигнала до вистинската служба и што е направено по неа.

Бизнис Инфо: Кога една општина целосно ќе го имплементира MyCivic, кои се првите
видливи придобивки за градоначалникот, кои за раководителите на
секторите, а кои за обичниот граѓанин? Во која насока ќе се развива
платформата во периодот што следи?

За градоначалникот, првата видлива придобивка е што на едно место може да ги види итните проблеми, задачите што доцнат и работата на службите низ општината. Тоа му помага да одлучи каде е потребна негова интервенција и каде да насочи дополнителни ресурси. Раководителите на секторите гледаат кој е задолжен, колку работа има секоја екипа и кои задачи бараат координација со друго јавно претпријатие. Граѓанинот може да пријави проблем од телефон, да го следи статусот и да види што е сработено.

Следниот чекор е практичната примена и мерењето на резултатите. Сакаме општините да можат да видат колку брзо задачите стигнуваат до надлежната служба, колку се завршуваат во рок и каде се повторуваат интервенциите. Развивме и аналитика што им помага на градоначалниците порано да ги забележуваат тие обрасци и да ги користат при планирање на буџетот и инвестициите. Така работата што општината ја евидентира денес може да ѝ помогне да одлучи што вреди да подобри утре.