Брокер во Лондон минатата година се опил, купил нафта за 520 милиони долари и ја зголемил цената на рекордно ниво. Овој бизарен инцидент, иако се случил лани во јуни се дознава дури сега по истрагата на Службата за финансиска контрола.
За брокерите од Лондон не е премногу невообичаено по пијаната ноќ во градот да не знаат за што ги потрошиле парите, но Стив Перкинс (34), долгогодишен брокер на компанијата ПВМ оил фјучерс, се соочил со многу поголем проблем, пишува британскиот весник Телеграф.
Утрото на 30 јуни минатата година му се јавил административниот службеник од неговата компанија, кој сакал да знае на што потрошил 520 милиони долари од парите на компанијата и поради што во глуво доба на ноќта преку лаптоп од својата куќа купил седум милиони барели сурова нафта.
До десет часот следното утро се испоставило дека Перкинс со ова купување на своја рака, извршено во состојба на свеста целосно помрачена од алкохол, ја зголемил светската цена на нафтата на највисоко ниво во изминатите осум месеци.
Во околу два часот изутрината во рок од половина час цените се зголемиле за долар и половина по барел, а обемот на тргување со нафтени обврзници пораснал за десет пати, што инаку може да биде предизвикано само од настани со геополитичко знаење. До моментот кога ПВМ увидел дека купувањето било неовластено и брзо почнал да го корегира, веќе се насобрала загуба во износот на вкупниот годишен приход на компанијата.
Набргу е соопштено дека Перкинс е отпуштен. Во истрагата тој веднаш признал се и се согласил да соработува, тврдејќи дека на случувањата од таа кобна ноќ се сеќава делумно и оти неговите постапки претставуваат последица на тешко пијанство.
Утврдено е дека Перкинс во текот на викендот играл голф со колегите од компанијата, при што многу испил, но наредниот ден се вратил на работа. Тој најпрво почнал да тргува со нафта во име на клиент, но набрзо следеле неколку купувања со парите на компанијата. По попладневната пауза во тргувањето преку својот лаптоп повторно се вклучил во текот на ноќта и тоа во пијана состојба. Во краток рок нудејќи се повеќе узурпирал 96% од светската трговија на нафта во тој момент, предизвикал збрка на светскиот пазар и ја зголемил цената.