Converse – патики за секоја прилика

462

Untitled

Се плашевме да ја оставиме кошарката и многу се трудевме да останеме поврзани со овој спорт. Но, затворањето на линијата беше еден вид на откритие дека нашата историја не е поврзана само со светот на спортот.

Денес познатите Converse патики може да ги најдете во сите бои, дезени, високи, ниски и од различен материјал… го задоволуваат сечиј вкус и можат да се носат и во свечени прилики.

Но, приказната за овие патики започна малку поинаку во далечната 1908 година, кога 47 годишниот Маркус Милс Конверс, од Малден Масачусетс, ги направи првите обувки коишто беа гумени чизми добри за лошите зимски услови.

За кратко време фирмата за изработка на чизми си обезбеди место на пазарот за спортски обувки, најпрво таргетирајќи спортови како тенис, нетбол и фудбал.

310831_5_

Првите кошаркарски патики Converse All Star, беа пуштени во продажба во 1917 година, а човекот чиј успех им го должат – Чарлс Чак (Chuck) Тејлор, во бизнисот влезе по неколку години.

Компанијата напредуваше благодарение на прилагодувањето и присвојувањето на новата технологија, како и на склучување на паметни договори со водечките кошаркари во тоа време. Тоа го направи Converse познат бренд, на којшто можеше да му се верува на долги патеки.

Освен тоа, производителот ја одржа својата позиција на пазарот поради ниските цени на обувките. За разлика од другите компании што имаа слични договори со познати спортисти и производите ги нудеа по високи цени, Converse го направи токму спротивното – продаваше чевли што обичниот човек можеше да си ги дозволи.

future

Овој чекор се покажа полн погодок. Брендот покрај тоа што беше одлично прифатен во САД, се стекна со огромна популарност и на европскиот континент. Луѓето беа воодушевени што можат да купат производ рекламиран и носен од професионални спортисти. Иако Converse нудеше обувки и за жени и деца, машката линија се покажа најуспешна. Причината за тоа беше што истите ги рекламираа најдобрите тенисери и кошаркари, кои беа мажи.

Кошаркарот Чарлс Чак Тејлор стана дел од компанијата во 1921 година. Тој беше истовремено амбасадор и успешен продавач на Converse All Stars. Оригиналниот дизајн на патиките го одликуваа дебел гумен ѓон, платно или кожа на горниот дел кај глуждот, а бојата беше кафена со црни детали. Тејлор толку добро ги рекламираше обувките, што Converse во 1932 година ги именуваше по него, додавајќи го неговиот потпис на двете страни каде што стои All Star логото.

1936 US Olympic Basketball TeamВо 1936, Тејлор ги дизајнираше белите патики Chuck Taylor All Star со висок глужд, официјалните обувки на кошаркарскиот тим од САД за летните Олимписки игри во Берлин, Германија, каде освоија и злато.

Во периодот од 40-тите до 60-тите години на минатиот век, Converse забележаа огромен успех – станаа најпопуларни патики и се носеа скоро во сите спортови. Во еден период брендот контролираше дури 80% од пазарот за патики во САД. Во 1949 беа создадени и популарните црно – бели Chuck Taylor All Star, додека Oxford Chuck (патики со низок глужд) се појавија во 1957.

Компанијата за прв пат почна да произведува патики во боја во 60-тите, на барање на кошаркарските тимови со цел да одговараат со нивните дресови. Converse загуби многу кога Тејлор почина во 1968 година, а во седумдесеттите конкуренцијата стана прилично силна, со појавата на Nike, Adidas и Puma.

converse_kurt_cobain

Патиките повторно се вратија на пазарот во 80-тите и 90-тите, со појавата на гранџ културата и Курт Кобејн како главен “виновник” за повторната популаризација. Но, овојпат тие се вратија како секојдневна обувка што се носи во било која прилика. Новата генерација со задоволство го прифати нивниот колоритен дезен, а достапните цени беа причина плус патиките да се продаваат во прилично големи бројки.

Сепак, по неколку промени во менаџментот, пред да настапи новиот милениум, брендот банкротираше во 2001 година. Тогаш на сцена стапи Nike Inc, којшто успеа да го спаси брендот насочувајќи ја неговата порака од перформанс кон креативност, во соработка со модни брендови како Givenchy, Missoni и Maison Martin Margiela.

Со тоа Converse го премости јазот помеѓу патиките и чевлите, прераснувајќи во бренд за секојдневни прилики, па дури и за формални настани.

Converse_x_Missoni09

Според Џим Калхун, претседател и извршен директор на Converse, денес нивниот приоритет е да бидат бренд којшто е инспириран и направен за уметниците. По речиси еден век, компанијата ја затвори кошаркарската линија, што според Калхун е еден вид на олеснување.

“Толку се плашевме да ја оставиме кошарката и многу се трудевме да останеме поврзани со овој спорт. Но, затворањето на линијата беше еден вид на откритие дека нашата историја не е поврзана само со светот на спортот.”

Во 2003 Nike официјално го купи брендот Converse за 305 милиони долари, а денес производите се произведуваат под три имиња – One Star, Chuck Taylor All Star и Jack Purcell. Освен обувки, компанијата продава и облека и други додатоци низ 160 земји од целиот свет.