Beeograph е паметна кошница којашто го следи однесувањето на пчелите и дава информации зошто овие инсекти изумираат на глобално ниво.
Кошницата е направена од одржливи материјали, опремена е со посебни хај – тек сензори и се поставува во чисти места низ целиот свет. Според креаторите на проектот, корисникот не мора да биде експерт за да поседува Beeograph. Специјални детектори го следат однесувањето и условите за живот на пчелите без притоа да им пречат на инсектите. Собраните податоци потоа се пренесуваат на сервер и се процесираат со софистициран алгоритам. Податоците се достапни за сите сопственици на Beeograph на веб платформа и мобилна апликација.
Не се вклучени хемикалии, ниту адитиви во исхраната и пчелите не се под притисок да произведуваат повеќе мед. Кошницата е опремена со соларен панел, батерија на полнење и предавател. Посебен уред ја мери тежината на кошницата, надворешната и внатрешната температура, влажноста, вревата, светлината и активноста на влезот. Во оваа фаза Beeograph кошниците ќе бидат ставени на три локации со различна клима (езеро, шума и планина покрај море) што ќе придонесе за различни податоци и посеопфатни информации.
Beeograph е дело на германски старт – ап, којшто бара поддршка преку глобалната платформа за групно финансирање Indiegogo.