Печатница АНС: Во семеен бизнис работите се решаваат заеднички

1051
pavle 2
Павле Нашоку, генерален менаџер на печатница АНС, Битола

Печатница АНС почнува со работа пред 20 години, во јануари 1995. Ја основа Атанас Нашоку и ја раководи до пензионирањето во 2013 година, кога водењето го предава на неговите двајца синови, Павле и Андреј. Тие во компанијата се уште од самото формирање, го учеле бизнисот од почеток и сега го водат.

“Сè си дојде тековно, и јас и брат ми сме вработени во фирмата од нејзиното формирање, па некако и преземањето на водењето дојдe, така да кажам, безболно. Јас сум генерален менаџер, брат ми Андреј е технички директор, но крупните работи секогаш ги решаваме заедно”, вели Павле Нашоку.

ans 2

Печатницата работи на усовршување на печатењето и негово доведување до перфекција. АНС печатница се занимава со печатење на секакви промотивни материјали. Располага со најсовремено дизајн и фото студио, како и опрема за офсет печатење од најновата генерација. Печатницата нуди печатење на амбалажа, етикети, календари, постери, летоци, корпоративен материјал, хромо картон.

“АНС е класична офсет печатница и изработуваме од рекламен материјал, до фина и груба амбалажа. Работиме и за македонскиот пазар, но и за странски пазари преку посредници. Најмногу работиме за Англија и за Франција”, вели Нашоку.

ans 3

Неодамна компанијата инвестираше во нова хала и нова опрема, а целта е да се прошират на странските пазари и со време да го зголемат бројот на вработени.

“Добро се движиме. Имаме постојан годишен раст од 20%, континуирано вложуваме во нова опрема, се шириме. Имаме 20 вработени, во сезона одиме до бројка од 25 вработени. Инвестиравме во нова хала, нова опрема, одиме напред”, додава Нашоку.

ans 1

Оваа компанија е учесник во Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од владата на Швајцарија, имплементиран од ЦЕЕД Македонија, во Пелагонискиот регион. Павле Нашоку е задоволен од настаните што ги посетува во рамките на Проектот, за кои вели дека имало што да се научи, дека она што го слушнале на предавањата можеле реално да го имплементираат во бизнисот.

“Обуките се извонредни, сите говорници се на ниво на нивната задача. Голем бенефит имавме од обуките на тема Маркетинг, како и од темата за Финансии”.