Пред 13 години Халил Рафати бил бездомник, зависник од хероин и живеел во злогласен кварт во Лос Анџелес. Денес е милионер, сопственик на ланец барови за природни сокови SunLife Organics, мотивациски говорник, автор и инструктор за здрав начин на живот. Првиот локал го отвора во Малибу, а потоа се проширува на уште шест различни локации во Лос Анџелес.
Овој 46 годишен маж со својата животна приказна докажува дека не постои безнадежна ситуација, а деталите од неговиот живот ги пренесува во својата книга I Forgot To Die, каде опишува како пред 13 години се борел со зависноста од хероин и сиромаштија.
Потекнува од Охајо, но од родното место се преселил во Лос Анџелес за да побегне од лошо детство, период во кој бил сексуално злоставуван. Во книгата се потсетува на моментот кога во 2001 година намерно се предозирал на забава во Малибу, но брзата помош успеала да го спаси.
Дното го допрел во 2003 година кога завршил во затвор. Тогаш настапува неговиот пресврт во животот. Рафати решава да го смени својот живот и се посветил на тоа да остане трезен преку здрав начин на живот.
Негов пријател го внел во светот на супер здравата храна, а резултатите за него биле извонредни.
“Почнав да се чувствувам повторно жив, мојата анксиозност ја заменив со возбуда и обновување на страста за животот. Започнаа моите авантури во кујната, комбинирајќи ги здравите намирници“, вели Рафати.
Соковите на почетокот ги подготвувал за пациентите од центарот за лечење на зависници од дрога, во Малибу, а за пет години центарот станува многу популарен во Холивуд. Ова го поттикнува да започне свој бизнис, ланец на барови за здрави напитоци SunLife Organics. Неговите пијалаци се базираат на алкална вода, хималајска сол и разни овошја. Најпопуларен пијалак е смутито Wolverine.
Рафати патувал низ цела Индија, Индонезија и Централна Америка каде истражувал што има да понуди традиционалната медицина. На крајот, како што вели, сфатил дека вистината не е различна од она што го препорачуваат луѓето, да се јаде овошје и зеленчук.
Меѓу љубителите на здравите напитоци на Рафати се Дејвид Духовни, Ентони Кидис, Џерард Батлер, Арнолд Шварценегер и други.