Државните службеници во Швајцарија во иднина сами ќе си ги чистат канцелариите и ќе го фрлаат и сортираат ѓубрето за рециклирање. Властите на Женевскиот кантон објасниле дека одлуката е донесена поради штедење, пренесува АП.
“Со ова владата ќе заштеди милиони франци и ќе го оптимизира одржувањето на работниот простор во канцелариите”, изјави Паскал де Лоренци, еден од одговорните за проектот за the Tribune de Genève и додаде дека заштедите ќе бидат огромни, доколку проектот се спроведе на сите владини канцеларии.
Швајцарската новинска агенција АТС наведува дека мерката веќе почнала да се применува и до неа досега се опфатени 800 вработени во државната служба, со тенденција бројот да се зголемува.
Официјални лица велат дека службениците се снабдени со средства за чистење и дека кампањата се однесува само на администрацијата, а не и на училиштата и болниците.