Фото: Facebook
South Central Ventures, фонд што инвестира во стартапи од регионот, започна серија инвестиции во рамки на коишто ова лето пет компании ќе добијат повеќе од три милиони евра. Првата инвестиција е 200.000 евра и ќе ја добие Vitrus Vita, компанија со канцеларии во Србија и на Кипар, пишува Startit.rs.
Vitrus Vita е фасилитатор на медицински туризам на глобално ниво, а е фокусиран на пациенти кои имаат хронични заболувања на бубрезите и се зависни од дијализа. Во рамки на развој на бизнисот, компанијата реши да ја искористи дигиталната технологија и да ја отвори BookNowMed, прва платформа за резервации во областа на медицинскиот туризам. Од платформата се очекува процесот на резервирање да го скрати од неколку дена на неколку минути, а парите од инвестицијата ќе ги искористат за нејзино лансирање.
Главната цел на Virtus Vita е да им обезбеди патување на луѓето без да се грижат дали ќе најдат апарат за дијализа. За да го овозможи тоа, досега има склучено партнерство со клиники во повеќе од 40 земји, коишто ја сочинуваат нејзината онлајн мрежа на установи во коишто може да се лечат патниците.
South Central Ventures, менаџер на ENIF фондот, располага со 40 милиони евра за инвестирање на иновативни компании од: Македонија, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. SC Ventures има канцеларија и во Скопје.