Фото: Statoil
Во Шкотска официјално беше пуштена во употреба пловна фарма со ветерници којашто ќе генерира електрична енергија за потребите на домаќинствата, пишува BBC.
Пет гигантски ветерници беа поставени на морското дно на североисточниот брег на Шкотска, благодарение на Statoil, компанија од Норвешка којашто работеше на проектот повеќе од 15 години. Фармата на ветерници го носи името Hywind и создава енергија за 20.000 домаќинства.
Со оглед на тоа дека ветерниците се пловни, истите можат да се постават на многу поголема длабочина од оние што се наоѓаат на копно. Нивната височина од нивото на морето, па сè до врвот изнесува 175 метри, а од површината до дното должината изнесува дополнителни 78 метри. Секоја ветерница тежи 11.500 тони.
Пловните ветерници се поставени во длабочина што достигнува 129 метри, додека оние што се фиксирани за морското дно обично се наоѓаат на длабочина до максимум 50 метри. Предноста кај нив е тоа што можат да се постават на различни локации во светот, како на пример САД или Јапонија, каде што има длабоки води.
Според Statoil, овие пловни турбини имаат потенцијал да работат и на длабочина до 800 метри.