Фото: Pixabay
Кина планира да пошуми нови површини со дрвја коишто ќе покриваат најмалку 6,6 милиони хектари земја или колку што е површината на Ирска, пишува Telegraph.
Ова е еден од последните обиди на земјата во борба против загадување на воздухот, а со неговата реализација Кина ќе се обиде да стане светски лидер во заштита на животната средина.
Целта на државната администрација за шумарство е да го зголеми бројот на хектари под шумско земјиште до 23% од целото земјиште во Кина, до 2020 година. Моментално таа бројка изнесува 21,7%.
Во големата кампања, како што истакнуваат надлежните, повикани се да вклучат сите компании, организации и стручни лица кои се специјализирани за заштита на животната средина. Покрај казните за компаниите и службениците кои ги прекршуваат правата за животна средина, зголемување на шумските површини и чистењето на реките се моментално топ приоритети на Кина.
Досега земјата потроши над 83,3 милијарди долари на пошумување во последниве пет години, со што вкупната површина под шуми на Кина сега изнесува 208 милиони хектари.